Инфлацијата во октомври 0,4 проценти, годишната стапка достигна 3,3 отсто


Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври 2026 година, во однос на септември, изнесува 0,4 проценти, додека на годишно ниво, во споредба со октомври минатата година, трошоците на животот бележат зголемување од 3,3 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во октомври, во однос на претходниот месец, најголемо зголемување на трошоците на животот е забележано во групата алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 2,5 проценти.

Зголемување од 1,2 проценти е регистрирано во групите рекреација, спорт и култура, како и облека и обувки, додека храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,7 проценти.

Пораст на трошоците на животот е забележан и во групата домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0,3 проценти, како и во здравствената заштита за 0,1 процент.

Од друга страна, намалување на трошоците на животот во октомври, во споредба со септември, е забележано кај покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата за 1,3 проценти.

Намалување од 0,7 проценти има и кај рестораните и услугите за сместување, за 0,5 проценти кај личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги, а за 0,3 проценти кај транспортот.

Трошоците на животот во групите услуги за образование, осигурување и финансиски услуги, како и информации и комуникации останале на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во октомври 2026 година, во однос на септември, бележат раст од 0,2 отсто, а на годишно ниво од 3,2 проценти.