Мицкоски ќе ја спасува Алта банка Битола, очекува за дваесетина дена да се закаже аукцијата


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист во врска со Алта банка Битола и очекува дека веќе за дваесетина дена, односно до крајот на овој или во почетокот на идниот месец, да се закаже  берзанска аукција на која ќе се понудат на продажба акциите на банаката која сега е администрирана од Народната банка. Премиерот, исто така, го прифаќа барањето на опозициската СДСМ за случајот Алта банка да се отвори истрага од страна на Јавното обвинителство. Според Мицкоски, банката нема да заврши со црно сценарио кое што опозицијата „од петни жили“ посакува да се случи.

„Ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето кои што се во некаква релација со Алта банка, а тоа е лоша вест за нашата опозиција, којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банротира, ќе отиде во стечај итн“, изјави денеска Мицкоски во Охрид одговарајќи на прашања на новинарите.

Тој е оптимист дека целата процедура ќе се одвива многу брзо.

„Поминаа оние три дена со кои се информираше регулаторот во Србија, течат оние десет дена во кои тие треба да дадат право Народната банка да ги отуѓи акциите преку аукција. Потоа следат пет дена на лиценцирање на потенцијални понудувачи и очекувам кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата“,, изјави Мицкоски.

Тој останува на ставот дека станува збор за увезен случај, какои дека владата има амбиција да ја спаси банката и да продолжи да функционира.

„И во тоа, на крајот од овој процес, ќе успееме“, уверува Мицкоски.

Тој нагласи дека изминатите денови бил лично многу фокусиран на предметот за Алта банка и дека денеска е голем оптимист дека од опозицијата ќе бидат разочарани бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во стечај, нема да се реализираат, односно дека ќе има финансиска институција, банка која што ќе биде сопственик на Алта банка.

Во однос на, како што ја нарече, „естрадата“ на опозицијата, тој се согласува обвинителството да отвори случај, односно да поведе истрага и да се види што ќе покаже.

На забелешките како Давор Мацура, сопственикот на белградската Алта банка, добил дозвола да работи во Македонија, Мицкоски рече дека како влада секој оној кој што ги исполнува сите законски услови кои што ги исполнува правилата на работа, нема пречки да работи кај нас.

„Впрочем, истиот тој Мацура претходно се стекнал со право да работи и на територијата на Австрија, бидејќи австрискиот регулатор му дозволил да стане сопственик на дел од акциите во Адико банка. Истиот тој Мацура влезе во трговски и деловни односи со Рајфајзен банка, една од поголемите финансиски институции во регионот. Тоа само покажува дека тоа што го зборуваат од опозицијата претставува политичка естрада и фолклор и јас ќе го третирам само во таа категорија“, рече Мицкоски.

„Тука тој ги исполнил сите услови, сите критериуми ги испочитувал, и се стекнал со правото да работи на македонскиот пазар“, додаде Мицкоски.

Тој посочи дека како влада не може да бираат кој ќе работи или кој нема да работи, бидејќи секој оној кој што работи во една слободна пазарна, демократска и трговска основа, може да работи тука.  

„Замислете ако на тој начин размислуваат кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат. Еве ‘Алкалоид’ да не продава лекови во Србија, АСП пак да не продава мрежи во Србија, ‘Витаминка’ да не продава кондиторски производи, ‘Стокомак’ да  не продава и да не формира синџири на продажба таму… Ако ние влеземе вака на билатерални односи со државите, тогаш мислам дека тогаш лошо ѝ се пишува на економијата, но генерално и на политичките односи на една држава“, рече Мицкоски.