Во Австрија, од 1 декември, нема веќе вињетки, еве што треба да знаете


Фото: Б. Грданоски

За три недели, Австрија ќе премине исклучиво на дигитален систем на вињети за користење на автопати и експресни патишта. Продажбата на класични вињети во форма на налепници завршува на 30 ноември, а за 2027 година ќе се нудат само дигитални вињети, пишува Auto Bild.

Сепак, возачите кои веќе купиле вињета во форма на налепница ќе можат да ја користат паралелно до 31 јануари 2027 година.

Ова значи дека од 1 февруари 2027 година ќе важат само дигиталните. Затоа, возачите кои сè уште имаат важечка црвена вињета за 2026 година на шофершајбната на нивното возило можат да ја користат до овој датум.

Оваа промена е особено важна за граѓаните од Македонија кои живеат во Германија, Австрија и други западноевропски земји, а кои традиционално доаѓаат во Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, при што многумина патуваат по австриските автопати.

Промената се однесува на сите категории на вињети: еднодневна, десетдневна, двомесечна и годишна.

Дигиталната годишна вињета за 2027 година ќе чини, како и досега, 106,80 евра ако се купи до 31 декември 2026 година. Од 1 јануари 2027 година, цената ќе биде 108,90 евра. Нејзината важност започнува на 1 декември 2026 година и трае до 31 јануари 2028 година.

Дигиталните вињети може да се купат преку официјалната веб-страница на ASFINAG (shop.asfinag.at), но и на овластени продажни места, вклучувајќи бензински пумпи, трафика, патарини и клубови за автомобили. Поконкретно, вињетата може да се купи на околу 4.000 продажни места и приближно 100 автомати на 30 локации низ Австрија. Затоа, пристапот до интернет не е потребен.

Возачите треба да обрнат внимание на периодот на важење: еднодневните и десетдневните дигитални вињети купени преку интернет важат веднаш, додека двомесечните и годишните вињети купени на shop.asfinag.at важат само по законскиот рок од 18 дена. Причината е законскиот рок за откажување од онлајн купување. Доколку купите дигитална вињета директно на физичко продажно место, периодот од 18 дена не важи и сите видови вињети важат веднаш.

Дигиталната вињета е поврзана со регистарскиот број на возилото, поради што е особено важно внимателно да се проверат внесените податоци при купувањето.

Со преминувањето на дигитален систем, Австрија го укинува лепењето и отстранувањето на вињетите и им овозможува на возачите полесно да купуваат и електронска проверка на нивната валидност.