Трамп ги призна грешките: Отидовме предалеку
Во интервју за Си-Би-Ес Трамп рече: „Нема да им простам на политичките противници и ако тоа е услов да се влезе во рајот. Ги мразам“
Во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес, емитувано во неделата навечер, американскиот претседател Доналд Трамп ја изнесе својата досега најсеопфатна анализа за историскиот пораз на републиканците на среднорочните избори, притоа, како што се чини, подавајќи им рака на демократите за соработка околу спорното прашање за имиграцијата.
Трамп не презеде никаква лична одговорност за тешкиот изборен пораз, и покрај тоа што неговиот рејтинг на популарност е на рекордно ниско ниво. Тој тврдеше дека републиканските кандидати не успеале да ја преточат неговата популарност во сопствен изборен успех.
Иако призна дека некои потези на неговата администрација биле непопуларни, тој јасно стави до знаење дека не е подготвен на компромиси за повеќето прашања, додека демократите се подготвуваат да ја преземат контролата врз Конгресот.
Депортациите биле „премногу сурови“
Анализирајќи ги причините за слабиот резултат на републиканците на изборите минатата недела, Трамп како главни виновници ги посочи Иран и лошата комуникација со гласачите. Сепак, тој исто така призна дека строгата имиграциска политика на неговата администрација – според која илјадници мигранти без уредни документи беа уапсени и депортирани – била непопуларна и, според него, отишла предалеку.
„Беше премногу сурово“, рече Трамп, конкретно мислејќи на имигрантите кои се во земјата 10 години или повеќе и немаат сторено сериозни кривични дела.
Ова беше впечатливо признание од претседателот дека токму прашањето врз кое ја изгради својата кампања за 2024 година, стана политички проблематично за само две години. Зад затворени врати, Трамп исто така изрази одредени резерви во однос на некои методи што неговата администрација ги користела за притворање на мигрантите.
Сепак, останува нејасно дали Трамп размислува за промена на својата имиграциска политика, иако призна дека таа била премногу сурова. Всушност, тој го назначи Стивен Милер – главниот архитект на таа политика – за свој нов шеф на кабинетот.
„Попрво би отишол во пеколот отколку да простам“
Интервјуто, кое го водеше Рос Доутат, заврши со интересен разговор за тоа дали Трамп некогаш би можел да им прости на оние што ги смета за свои непријатели – дури и пред Божјиот конечен суд.
„Мислам дека тие беа многу лоши луѓе и не ги сакам – би можел дури и да го употребам зборот ’мразам‘ – навистина мразам некои од моите непријатели“, рече Трамп, додавајќи: „Веројатно не можам да го сторам тоа во моментов, бидејќи навистина мразам некои од моите непријатели, и секогаш ќе ги мразам“.
Прашањето беше поттикнато од спомнувањето на погребот на покојниот активист Чарли Кирк, каде што неговата вдовица, Ерика, јавно му прости на човекот осомничен за убиството на нејзиниот сопруг. Неколку моменти подоцна, Трамп излезе на говорницата и изјави: „Ги мразам моите противници и не им посакувам ништо добро“.
Низ годините, Трамп состави долга листа на поплаки – почнувајќи од демократите и другите функционери кои водеа истраги против него за време на неговиот прв мандат, па сè до политичките ривали кои се спротивставуваа на неговите политики.
Иако повремено изразуваше желба за помирување – вклучително и минатата недела, кога спомна дека сака да соработува со демократите кои ја зајакнале својата политичка позиција – неговиот вообичаен одговор е одмазда за неправдите што, според него, му биле нанесени.
Порака до Венс
Кога минатата недела потпретседателот Џ. Д. Венс напиша дека војната со Иран е виновна за тешкиот изборен пораз на републиканците, Трамп во голема мера го поддржа неговиот став. Сепак, неколку дена подоцна, неговиот тон донекаде се промени. Тој сега вели дека би сакал Венс да покажел поголема поддршка за конфликтот, дури и додека ги анализирал неговите политички последици.
„Единственото нешто што би сакал да го кажеше – ако навистина така размислувал, а тоа би морале да го прашате него – е: ’Кога би требало повторно да ја донесеш таа одлука, дали би постапил на ист начин?‘ Знаете, тој е дел од процесот на носење одлуки. А, мојот одговор е категорично ’да‘“, рече Трамп.
Тој напомена дека Венс разговарал со него пред објавувањето на текстот за Иран, но сугерираше дека не разговарале детално за содржината на опширниот есеј.
„Ме праша: ’Што мислиш?‘ Јас му реков: ’Напиши го она што го чувствуваш‘“, се присети Трамп на разговорот со Венс. „Инаку, што всушност ќе напишеш?“
Неодлучен околу наследникот
Изјавата на Венс за Иран во Вашингтон е широко толкувана како обид на потпретседателот да се позиционира пред евентуална претседателска кандидатура.
„Веројатно. Но, не мора да значи“, рече Трамп кога беше прашан за неговата можна поддршка, додавајќи подоцна: „Можеби би било подобро воопшто да не се мешам“.
Кога беше прашан кој, покрај Венс, би можел да биде во неговиот потесен избор за потенцијални наследници, Трамп го пофали државниот секретар Марко Рубио.
„Мислам дека Марко е одличен. Сакам да кажам, тој навистина ја сака работата и ја врши одлично. Врши фантастична работа. Тој е еден од оние што се разгледуваат, но има и многу други чии имиња не би ги спомнал. Има навистина одлични сенатори. Ги познавам сите. Многу ги ценам“, рече Трамп.
Како што влегува во завршните фази од своето претседателствување, Трамп ќе мора да се соочи со Републиканската партија која, порано или подоцна, ќе се обиде да ја пронајде својата иднина без него. Во интервјуто, тој изјави дека сè уште верува оти неговата поддршка има значителна тежина меѓу републиканците.
Прашања за корупцијата
Најнапнатиот дел од интервјуто беше кога Доутат почна да го испрашува Трамп за обемните деловни интереси на неговото семејство – вклучително и инвестиции во криптовалути – за кои демократите тврдат дека претставуваат корупција.
Трамп изјави дека со неговите пари управува еден од неговите синови, кого го опиша како „многу чесен и добар човек“, и дека поголемиот дел од средствата се „доверени на најголемите фирми од Волстрит за инвестирање“.
Претседателот заработи повеќе од една милијарда долари од разни потфати поврзани со криптовалути, кои тој и неговите синови ги започнаа непосредно пред да положи заклетва минатата година. Инвестициска фирма поврзана со Обединетите Арапски Емирати купи речиси половина од компанијата за криптовалути на семејството Трамп, пред неговата втора инаугурација.
Претседателот ги минимизираше загриженостите дека странски држави се обидуваат да купат влијание во Белата куќа, наведувајќи дека „секој претседател има проблем“ со надворешни субјекти кои се обидуваат да се додворат или да добијат наклонетост од него.