„Ниту една не требаше да биде вест, сите требаше да се живи“ – најсилната порака на протестот за Биљана (галерија)
„Нема да не снема“, „Ниту една повеќе“ и „Надзор за кого“ ечеше во Скопје, од пред Собранието, каде се собраа повеќе од 1.000 луѓе
„Ниту една не требаше да биде вест, сите требаше да се живи“ беше најсилната порака на транспарентите, што денеска можеа да се прочитаат на маршот организиран по повод смртта на Биљана Кириќ од Богданци, запалена во автомобилот од момчето со кое била во врска, а кој се обесил недалеку од таму.
Протестот беше организиран како после секој фемицид кој се случил во последните десетина години во Македонија, а надлежните повторно се оглушиле на пријавите на жртвите. Убедуваат дека сè било преземено, дека биле изречени мерки, дека насилникот имал забрана за приближување, но очигледно нема кој да ги спроведе овие одлуки. Затоа што да беа спроведени, Биљана ќе беше уште жива. Таа, еден месец пред смррта го пријавила 21-годишниот Виктор. Нему му биле изречени мерки и надлежните ги оставиле да го поминуваат секојдневието како знаат и умеат. Ама Виктор знаел подобро од нив. Ја качил Биљана во автомобил, ја однесол надвор од Богданци, го запалил автомобилот сосе неа внатре, а тој си го одзел животот со бесење во блзизина на автомобилот, каде бил забележан од случаен минувач.

„Нема да нè снема“, „Ниту една повеќе“ и „Надзор за кого“ ечеше низ скопски центар, од пред Собранието, каде се собраа повеќе од 1.000 луѓе, преку Министерството за правда, до Министерството за образование, затоа што Биљана годинава требаше да биде матурантка, ама сите матурски букети и честитки завршија на нејзиниот гроб, во молк и солзи.

Пред зградата на Министерството за образование и наука, толпата побара од министерството да ги врати поимите род и родова еднаквост во образованието и жестоко се извиркува неодамнешната изјава за „потребниот надзор врз жената“.
Побараа од институциите и од Владата промени во образованието и одговорност за фемицидите и за насилството врз жените.
„Жена, живот, слобода!“ и „Нема да нè èснема“ беа паролите што се извикуваа по скопските улици.
Во основата на протестот беше прашањето уште колку жени треба да настрадаат за државата да почне да ги спроведува постапките и конечно да спаси и да заштити нечиј живот.

– Одложувањето на заштитата е политичка одлука – порачаа на протестот.
Иницијативата „Ниту една повеќе!“ бара целосна истрага и одговорност за секој институционален пропуст. Бара и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, за кои организаторите наведуваат дека биле поднесени во Собранието во август.
– Ниту еден закон сам по себе не гарантира дека ќе го спречи секое убиство. Но, законодавната власт е должна навреме да ги разгледува мерките за заштита, да ги отстранува слабостите и да обезбеди услови за нивна примена – додадоа.
Денешниот протест се случува и по изјавите на Петар Богојески за „машки надзор“ врз жените, кој во телевизиска дебата ја претстави контролата од сопругот како негова задача и го обвини феминизмот дека ги навел жените да ја отфрлат.

Мрежата за заштита од дискриминација предупреди дека ваквите ставови можат да ги охрабрат насилниците и да ги обесхрабрат жртвите да побараат помош. Организацијата ја поврза реакцијата и со промените во програмата за сексуално образование, укажувајќи на потребата младите да учат да ги препознаваат контролата, родовите стереотипи и односите на моќ.
Образованието е дел од превенцијата. Децата треба да научат што значат согласност, лични граници, рамноправност и насилство. Државата има одговорност да обезбеди тие знаења да стигнат до нив.

По смртта на Биљана, протестен собир беше организиран и во нејзиното родно Богданци пред два дена, каде се слушнаа истите пораки.
На денешниот протест се повторуваат истите барања и ветувања, а се менуваат имињата на жртвите: Биљана, Рамајана, Танкица, Ивана и Катја…