Напаѓачот во Краков е полски државјанин
Терористот во Краков е 25-годишен полски државјанин, објави „Полсат њуз“. Тој при нападот носел воена униформа и нацистичка значка СС на шлемот.

Според последните податоци, во нападот се убиени пет лица, а 15 се хоспитализирани. Тој користел оружје од воен тип, веројатно AR-15. Во автомобилот исто така биле пронајдени оружје, муниција и воена опрема. Во багажникот имало и воен ранец, воена опрема и бајонет.За време на бегството, осомничениот се судрил со бел автомобил на раскрсницата со улицата Диетла, по што излегол од возилото и отворил оган кон полицајците.
„Лицето одговорно за инцидентот на Главниот пазарен плоштад во Краков е државјанин на Република Полска. Ги демантираме извештаите дека е убиен полицаец и дека се трага по друго одговорно лице. Единственото познато лице одговорно за инцидентот се наоѓа во полициски притвор“, се наведува во објавата на полицијата.
Според фотографиите, насобраните граѓани му даваа прва помош на полицаецот, но и на напаѓачот по што беше однесен во болница и на него била извршена операција.

Меѓу шестемина загинати има четири жени и двајца мажи. Петнаесет лица се повредени, меѓу кои и двајца полицајци.Еден од полицајците е во многу критична состојба. Според министерот за внатрешни работи, тој бил застрелан три пати и во моментов е на операција.
Според сознанијата на „Онет“ (Onet), осомничениот е Михал О. од Островјец Свјентокшиски. Тој поседувал дозвола за две парчиња огнено оружје. Неговиот татко поседувал 11 парчиња огнено оружје, а автомобилот што го користел напаѓачот бил регистриран на негово име. Од редакцијата исто така известуваат дека осомничениот е во стабилна состојба. Оваа информација произлегува од сознанијата на новинарите.
