Руски напади врз објект на „Нафтогас“ во централна Украина предизвикаа голем пожар


Руските сили синоќа трипати нападнале објект на украинската државна нафтена и гасна компанија „Нафтогас“, соопшти вршителот на должноста претседател на Управниот одбор на компанијата, Сергиј Федоренко.

– Синоќа непријателот трипати нападна објект на „Нафтогас“ во централниот дел на Украина. Како резултат на нападите, оштетени се постројките – напиша Федоренко на Фејсбук.

Тој посочи дека во погодениот објект избувнал голем пожар, но персоналот навреме бил евакуиран и нема повредени.

– Им благодарам на спасувачите од Државната служба за вонредни ситуации и на вработените во „Нафтогас“ за брзата реакција – додаде Федоренко.

Во моментов се проценува штетата предизвикана од нападите, кои следуваат откако претходно денеска украинските власти соопштија дека руските сили извршиле напади со балистички ракети врз енергетската инфраструктура и врз мост во околината на Киев.

– Ситуацијата со снабдувањето со енергија во главниот град е исклучително тешка. Тоа влијае врз функционирањето на градските системи за греење и водоснабдување – напиша на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.