Повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници во САД годинава, осум лица починаа


 Бројот на случаи на мали сипаници (морбили) во САД надмина 5.000 оваа година, а заболени се регистрирани во 45 сојузни држави, соопшти Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Потврдени се вкупно осум смртни случаи поврзани со мали сипаници, а шест од нив биле во Пенсилванија, еден во Њујорк и еден во Висконсин, пренесе денеска Еј-Би-Си њуз. Во Пенсилванија почина невакциниран жител на округот Џеферсон, додека во Висконсин почина бебе, што е прв смртен случај од мали сипаници во таа држава од 1990 година.

Според наводите на ЦДЦ, 18 случаи се регистрирани меѓу меѓународни посетители во САД.

Според податоците на сојузната здравствена агенција, околу 96 проценти од случаите се регистрирани меѓу луѓе кои не се вакцинирани. Најголем удел од случаите е забележан меѓу лица на возраст од пет до 19 години.

ЦДЦ препорачува луѓето да примат две дози од ММР вакцината, првата на возраст од 12 до 15 месеци, а втората меѓу четвртата и шестата година пред поаѓање во училиште.

Податоците на ЦДЦ покажуваат дека стапките на вакцинација бележат пад последниве години. Во текот на учебната 2025/2026 година, 92,4 проценти од децата кои тргнуваат во градинка примиле ММР вакцина, покажуваат податоците. Тоа е помал процент во однос на 95,2 проценти вакцинирани во учебната 2019/2020 година, пред пандемијата на коронавирусот.