Концерт на грчкиот ансамбл „Mosaico Mediterraneo“ со сопранистката Марија Костраки во Филхармонија


Во Филхармонијата вечер од 20 часот концерт ќе одржи грчкиот ансамбл „Mosaico Mediterraneo“ со сопранистката Марија Костраки. Го организира Амбасадата на Грција, која соопшти дека концертот ја слави разновидноста, обединувајќи музички традиции од целиот Медитеран преку современа интерпретација на заедничкото културно наследство.

-Публиката ќе има можност да ги открие емоциите и страстите што ги поврзуваат различните култури низ вековите и музичките жанрови, потсетувајќи нè дека музиката е безвременска и универзална. Посебно место во програмата има грчката музика, преку песните на Манос Хаѕидакис, чиј музички опус е во фокусот на чествувањето што го организира Министерството за култура на Грција во 2026 година. Богатата музичка програма ја надополнуваат дела од Шарпантје, Монтеверди, Качини, Серано, Росини, Сати, Рота, Караиндру и Маркопулос, како и традиционална музика, информира Амбасадата на Грција. 

Поради големиот интерес кај јавноста, концертот ќе биде отворен за сите посетители и ќе се одржи во големата концертна сала на Филхармонијата во Скопје. 

„Mosaico Mediterraneo“ е ансамбл посветен на медитеранската музика во сите нејзини облици, надминувајќи ги географските граници и вообичаените музички жанрови. Неговиот репертоар опфаќа дела од средниот век, ренесансата, барокот и романтизмот, истовремено вклучувајќи ги и народните традиции на Јужна Европа, звуците и ритмите на Блискиот Исток и Африка, како и современото грчко музичко творештво. Во изминатите години, ансамблот настапувал во голем број градови низ Европа.

Марија Костраки е грчка лирска сопранистка со постојано живеалиште во Минхен. Покрај успешната кариера во областа на класичната музика, таа се истакнува и со своите интерпретации на грчката музика, особено на песните на Манос Хаѕидакис, со кои изгради препознатлив уметнички израз.

Нејзините настапи вклучуваат концерти во античкиот Одеон во Атина, како и во концертните сали во Атина и Солун. На оперската сцена настапила во „Боеми“ со Државниот симфониски оркестар на Солун и во продукцијата на „Орфеј“ на Грчката национална опера. Нејзините настапи ја одведоа и до престижниот Карнеги хол во Њујорк.

Дел од ансамблот е и виолинистот Андонис Сусамоглу, кој е концерт-мајстор на Државниот симфониски оркестар на Солун и истакнат виолинист, композитор и аранжер.

-Неговата богата уметничка кариера вклучува солистички настапи во реномирани концертни сали, значајна дискографија како автор и аранжер, како и соработки со сите водечки грчки оркестри, соопшти Амбасадата на Грција во најавата за вечерашниот концерт на  ансамблот „Mosaico Mediterraneo“ во Скопје.