Солзи по изрекувањето на пресудата за убиецот на Алдина Јахиќ: 45 години затвор за Калајџиќ


Денес, кантоналниот суд во Мостар го осуди Анис Калајџиќ на 45 години затвор за убиството на 32-годишната Алдина Јахиќ. Изрекувањето на пресудата го следеа многу граѓани, а некои присутни не можеа да ги сокријат солзите, јави Кликс.ба.

Пресудата ја изрече судскиот совет со кој претседаваше судијата Дарко Зовко. Калајџиќ беше осуден за тешко убиство, нелегално стекнување и поседување оружје и продолжено кривично дело загрозување на безбедноста.

Утрово, граѓаните се собраа пред судницата со фотографии од Алдина и транспаренти со пораките „Таа имаше право да живее“, „Стоп на фемицидот“ и „Никогаш нема да бидете заборавени“.

Калајџиќ ја уби Алдина Јахиќ на 16 ноември 2025 година во Мостар. Според обвинението на Кантоналното обвинителство, тој ја чекал пред фитнес-центарот, потоа ја нашол во тоалетот на блискиот ресторан и ја убил со истрел од пиштол што го поседувал без дозвола.

Обвинителката Весна Прањиќ во својот завршен збор побара казна од 45 години затвор, што е законскиот максимум. Таа изјави дека во текот на постапката е докажано дека станува збор за убиство врз основа на пол.

Одбраната не го оспори фактот дека Калајџиќ го извршил убиството, туку правната квалификација на делото. Калајџиќ во својот завршен збор рече дека се кае за тоа.

Пресудата не е конечна и може да се обжали до Врховниот суд на ФБиХ.