За десет месеци 33 загинати помалку во сообраќајот


Фото: Б. Грданоски

Бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди во првите десет месеци од годината е намален за 33 во споредба со истиот период лани. Во сообраќајот животот го загубиле 84 лица наспроти 117 во првите десет месеци од 2025 година – информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година.

Тошковски посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек животот го губеле речиси 150 лица, што, според него, ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

– Кога говориме од аспект на безбедност генерално, но кога говориме за безбедност во делот на сообраќајот, тука особено во изминатите 35 години навистина не можеме да кажеме дека имаме добри резултати. Просек на загубени човечки животи во последните 35 години годишно е некаде 150 во Македонија – истакна Тошковски.

Министерот, како што соопштува прес-службата на МВР, нагласи дека станува збор за значително подобрување на состојбите, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на загинати бил повисок.

Особена благодарност Тошковски упати до македонските граѓани истакнувајќи дека нивното посовесно однесување во сообраќајот, заедно со активностите на институциите, превентивните кампањи и поддршката од општествено одговорните компании и граѓанските организации, придонеле за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.

– Овој ден, овој момент, сакам да го искористам уште еднаш да им се заблагодарам на македонските граѓани, пред сè затоа што тие најмногу придонесоа да се намали бројката на жртви во Македонија. Тие се тие што одлучија да управуваат моторни возила и да бидат учесници во сообраќајот посовесно од претходно – порача Тошковски.

Говорејќи за новата Национална стратегија, тој нагласи дека таа поставува јасна цел – до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година. Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува заедничко делување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии.

-Човекот секогаш може да згреши управувајќи моторно возило, но државата е таа којашто треба да стори сè за да го намали бројот на жртви во рамки на сообраќајот, да го намали бројот на повредени луѓе во рамки на сообраќајот и да стори сè за да може максимално превентивно да делува во насока на подобрување на сообраќајот – истакна Тошковски.

Министерот информира и дека напорите на Македонија за унапредување на сообраќајната безбедност добиваат меѓународно признание, при што Министерството за внатрешни работи е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на престижниот светски полициски самит во Дубаи, заедно со полициски служби од држави како Сингапур и ОАЕ.

Тошковски изрази и уверување дека со заедничка одговорност, доследно почитување на правилата и континуирана институционална посветеност, Македонија ќе продолжи да ги подобрува резултатите и да се приближува кон крајната цел – што помалку сообраќајни незгоди и нула загубени човечки животи.