Ужас во Богданци: Пронајдени две мртви лица, едното во изгорен автомобил
Две безживотни тела се пронајдени во близина на местото викано „Ичева чешма“, во Горно село кај Богданци. Едното тело, на 21-годишно момче од Богданци, било пронајдено покрај опожарен автомобил, додека второто било откриено во внатрешноста на изгореното возило, дознава „Скопје1“.
Случајот бил пријавен вчера, 3 ноември, во 18:40 часот, кога Т.К. од Богданци ја известил полицијата дека забележал запален паркиран автомобил, во чија близина имало безживотно тело.
Веднаш по пријавата, на местото биле испратени полициски службеници од Полициската станица Гевгелија.
„На местото на настанот било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци“, стои во билтенот од МВР.
Екипа на Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија констатирала смрт кај младото момче.
По интервенцијата на противпожарната бригада и локализирањето на пожарот, во внатрешноста на автомобилот било забележано уште едно опожарено лице, кое исто така не давало знаци на живот.
За случајот веднаш бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по што бил извршен увид.
По наредба на обвинител, двете тела се предадени на обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта, како и идентитетот на лицето пронајдено во автомобилот.
Засега не е познато како настанал пожарот, каква е поврзаноста меѓу двете лица и под кои околности настапила нивната смрт.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности и за целосно расчистување на случајот.