ОЈОГОКК вклучено во меѓународна истрага на Европравда против криминална мрежа за инвестициски измами
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), преку Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, учествувало во меѓународна координирана операција за разбивање транснационална криминална мрежа, инволвирана во организирани инвестициски измами преку интернет.
Државното Јавно обвинителство информира дека операцијата била спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда и во неа учествувале надлежни органи од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.
-Како резултат на координираните активности, во различни земји се уапсени седум осомничени лица, извршени се претреси на 17 локации и запленети се повеќе од 100 сервери, како и други електронски докази и средства поврзани со криминалните активности. Според досегашните сознанија, утврдената финансиска штета надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави, соопшти ЈОРСМ за меѓународната координирана акција.