Книжевна средба и промоција на преводот на македонски јазик на романот „Настанот“ од нобеловката Ани Ерно
Францускиот институт во Скопје и издавачката куќа „Илика“ канат на книжевна средба и промоција на македонскиот превод на романот „Настанот“ од Ани Ерно, добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година.
Настанот ќе се одржи во четврток, 5 ноември 2026 година, во 19:00 часот, во Францускиот институт во Скопје.
На средбата ќе говорат Катерина Шекутковска, уредничка во издавачката куќа „Илика“, и Елисавета Поповска, преведувачка на романот „Настанот“ и професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Средбата ќе ја модерира Ведран Диздаревиќ, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и познавач на делото на Ани Ерно.
Романот „Настанот“ е едно од позначајните дела на современата француска писателка Ани Ерно, во кое таа искрено и прецизно пишува за интимното искуство, телото, положбата на жената и сеќавањето. Преку лично сведоштво, авторката отвора прашања со силно општествено значење, кои остануваат актуелни и денес.
Според Д Њу Јорк Тајмс: „Како и другите книги на Ерно, „Настанот“ е внимателно изработен и детален каталог на копнежи, понижувања, класна анксиозност и емоционално страдање… Но раскажувањето на Ерно не се води од нарцисоидност или од желба за самооправдување, туку од еден многу понежен импулс: желбата да се долови минатото такво какво што било, ненарушено од лажни сеќавања, морални осуди или книжевни декорации.“
Без да се обидува намерно да предизвика емоции, Ерно ја прикажува сликата на цела една генерација. Силата на оваа книга лежи токму во поврзувањето на личното сеќавање со колективната историја. Така пишувањето станува начин да се направи видливо она за што долго време се молчело, а на едно лично искуство да му се даде книжевно, општествено, но и политичко значење.
Покрај претставувањето на македонскиот превод, средбата е можност, не само за подобро запознавање со делото на оваа значајна француска авторка, туку и за отворена дискусија со публиката.