Археолошка изложба „Лица од новата ера: првите земјоделци во Северна Македонија пред 8 000 години“ во Франкфурт


 Од денеска до 4 јули 2027 година, Музејот на град Скопје со археолошката изложба: „Лица од новата ера: првите земјоделци во Северна Македонија пред 8 000 години“ ќе гостува во Археолошкиот музеј во Франкфурт, Германија. Изложбата ќе биде отворена вечер, кога ќе биде промовирано и изданието за претставените локалитети, под авторство на кустосот на изложбата, Љубо Фиданоски.

Во рамки на изложбата ќе бидат изложени 83 артефакти од неолитската збирка на два локалитети од Скопскиот Регион: Церје – Говрлево и Слатина – Зелениково, како едни од најзначајните локалитети од овој период, не само во државата, туку и пошироко.

Низ различни музејски начини и содржини ќе бидат претставени најважните предмети од збирката: антропоморфниот модел на куќа, позната како „Големата мајка од Говрлево“, разновидните керамички фигурини, жртвеници и садови. Исто така, ќе бидат претставени и исклучително интересните камени и коскени алатки од обата локалитета.