Бензините поскапуваат два денари за литар, дизелот за еден денар
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 денари за литар, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 1,00 денар за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Новите цени ќе се применуваат од полноќ.
Така, од 3.11.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 93,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 95,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 100,00 (денари/литар)
Во просек, зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати е за 1,55 отсто во однос на одлуката од 26.10.2026 година.
Од РКЕ во објаснувањето на одлуката посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек кај бензините за 0,793%, кај дизелот има зголемување за 0,409%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,695% и кај мазутот има зголемување од 2,546%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4400%.
Во Одлуката на РКЕ е применета владината одлука за намалениот износ на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) во износ од 10% и е применет намален износ на акцизата од 2,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).
Инаку малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува и таа изнесува 110,00 (денари/литар).
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,300 ден/кг и сега ќе изнесува 55,573 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 3.11.2026 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, се вели во соопштението на РКЕ.