Германска безбедносна служба ги предупреди пратениците за можен шпионски напад
Берлин – Германската Федерална канцеларија за информациска безбедност (BSI) ги предупреди пратениците и државните службеници за можен напад со шпионски софтвер насочен кон мобилните телефони, јави ДПА. Предупредувањето следува по безбедносното предупредување испратено од Епл до корисниците на Ајфон чии уреди можеби биле компромитирани.
Министерот за дигитализација Карстен Вилдбергер изјави за А-Ер-Де дека федералната агенција „реагирала исклучително брзо“ и ги контактирала засегнатите, советувајќи ги како да ги заштитат своите уреди.
„Во оваа фаза е чиста шпекулација за што точно станува збор. Ќе мора да почекаме и да видиме“, додаде тој.
Вилдбергер рече дека не би го поврзал инцидентот нужно со напад поврзан со вештачка интелигенција, истакнувајќи дека шпионски софтвер се користи за напад врз телефони долго време.