Почна 41. издание на фестивалот „Макфест“, ќе донесе 27 нови композиции
Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“-Штип вечерва и утревечер ќе го има своето 41.издание. На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ ќе се испеат 27 нови рефрени.
Фестивалското знаме на „Макфест“ го кренаа Лара Иванова, која официјално ја има најслушната песна помеѓу двата фестивали, и Александар Арсовски директор на фестивалот.

Уметничкиот директор Роберт Саздов на денешната прес – конференција рече дека се е подготвено, најавувајќи квалитетни композиции.
-Фестивалот е спремен да почне, од година во година ние забележавме, а верувам и останатите околу нас, дека фестивалот бележи напредок во секој поглед. Ќе видите и вечерва и утревечер дека фестивалот има и од технички аспект и музички, ќе биде се подобар и подобар во однос на минатите години, а таква е интенцијата и натаму. Значи, имаме одлични песни, вечерва ќе настапуваат помалку познати изведувачи, не се сите дебитанти, туку само мал дел. Штета е што само шест од нив ќе влезат утре во втората вечер-изјави Саздов.

Лара Иванова годинава на 41. издание на фестивалот го добива признанието за најслушана песнa меѓу двата фестивали, бидејќи нејзиниот хит е најслушан.
-Чест ми беше што и оваа година бев на кревањето на знамето, а уште поголема чест е да го добијам признанието за најслушана песна помеѓу двата фестивали. Навистина ми е многу мило затоа што „Макфест“ е почеток на мојата кариера. Првата песна ја претставив токму тука и од 2019 година па сè до сега, кога се враќам на овој фестивал, имам само убави спомени. Така што спремна сум и овој пат да настапам на оваа сцена и се надевам дека ќе имаме што повеќе и повеќе слушани песни, како што имаме секоја година. Секако, морам да ја споменам и „Бела“ која што произлезе како најголем македонски хит во последните 10 години, која што беше токму тука изведена-изјави Иванова.
На првата фестивалска вечер ќе бидат изведени 15, а на втората вкупно 12 нови композиции.