Американските бизнисмени бегаат од санкционираниот руски дизел на Трамп
Претставници на администрацијата на Доналд Трамп приватно ги охрабруваат американските компании да прифатат руски дизел што во моментов го преминува Атлантикот – велат бизнисменизапознаени со разговорите – и покрај предупредувањата дека таквиот потег може да ги изложи на сериозни правни ризици и да им го наруши угледот.
Најмалку три брода што превезуваат руско гориво тргнаа кон САД кон средината на октомври, како одговор на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп од 16 октомври, со која се укинуваат санкциите за рускиот дизел. Се очекува бродовите да пристигнат во неделата по среднорочните избори, но сè уште не е јасно каде точно ќе заврши горивото.
Американските компании не сакаат да ги преземат ризиците што би произлегле од купувањето дизел од Русија, делумно и поради тоа што демократите во Конгресот тврдат дека наредбата на Трамп ги прекршува законите за санкции – изјавија за „Вашингтон сан“ претставници од индустријата и енергетски аналитичари.
Како што руските бродови се приближуваат кон Соединетите Држави, се создаваат услови за судир меѓу приватниот сектор, администрацијата и демократите. Ова претставува клучен тест за едностраните овластувања на претседателот, со значителни последици за националната надворешна политика.
„Москва и Вашингтон сè уште очајнички бараат купувачи, но не би нè изненадило доколку товарите на крајот завршат во Бразил“, наведува „Рапидан енерџи груп“ (Rapidan Energy Group) во белешка до своите клиенти.
„И Москва и Вашингтон силно ги притискаат да ги прифатат овие товари, нудејќи им дури и големи попусти, но наидуваат на силен отпор поради загриженост за угледот и правните ризици“, вели еден аналитичар.
Како одговор на барањето за коментар, Белата куќа го упати „Сан“ кон Министерството за финансии. Претставник на Министерството за финансии изјави за „Сан“ рече дека „општата дозвола“ издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) „е во согласност со дејствијата што агенцијата ги преземала во минатото. Ние постапуваме во согласност со важечките закони и прописи“.
Друг аналитичар објасни дека сопствениците на товарите со недели се обидувале да најдат купувачи, но не успеале да привлечат ниту една американска компанија. Повеќе извори потврдија дека за товарите со дизел немало обезбеден купувач во моментот кога биле натоварени на танкерите.
Одлуката на Трамп да одобри исклучок (ослободување од санкциите) беше изненадување за нафтената и гасната индустрија. Според претставници од секторот, ова отвори многу неодговорени прашања: како на некој што доаѓа во допир со ова гориво може да му биде гарантирано почитување на сите закони поврзани со санкциите? Овој исклучок дојде само три недели откако Трамп потпиша двопартиски закон со кој дополнително се заоструваат санкциите против руски функционери и компании.
Мики Шерил, гувернерката од Њу Џерси, разгледува опции за спречување на евентуалното пристигнување на танкерите со руски дизел, додека се зголемуваат дилемите околу законитоста на овие пратки.
Танкерот „Агиои Фанендес“ (Agioi Fanendes), кој плови под малтешко знаме и превезува приближно 40.000 метрички тони дизел со екстремно ниска содржина на сулфур, првично беше најавен за пристигнување во пристаништето Њујорк и Њу Џерси на 7 ноември. Сепак, во јавно достапните податоци за следење на бродови, дестинацијата на овој танкер е променета во статус „чека на наредби“, што значи дека неговото следно одредиште сè уште не е утврдено.
„Немајте дилеми: Договорот на Трамп со Путин за дизел е коруптивен и незаконски, а јас разгледувам опции како да спречам тој да стигне до пристаниште во Њу Џерси“, изјави Шерил за „Сан“, обвинувајќи го Трамп дека „му ги полни џебовите на Владимир Путин на сметка на американските потрошувачи и нашиот демократски сојузник, Украина“.
Демократите од Претставничкиот дом и Сенатот испратија писма до пристаништата, банките и енергетските компании, предупредувајќи ги дека работењето со пратки руски дизел може да ги изложи овие компании на кривични санкции. Со оглед на тоа што Демократите би можеле да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, а можеби и врз Сенатот, на изборите што се одржуваат следната недела, овие писма се сигнал дека купувачите на дизелот би можеле да бидат опфатени во истрагите на Конгресот следната година.
„Сите се обидуваат да побегнат од ова што е можно подалеку и побрзо. Никој не сака да има работа со овој дизел бидејќи стравуваат од она што ќе се случи во следниот состав на Конгресот“, изјави еден претставник од Волстрит повикувајќи се на разговори со водечки компании. „Никој не сака да биде вовлечен во долга правна битка или во серија истраги, а ова изгледа токму како класичен пример за такво нешто.“
„Проблемот е од правна и банкарска природа. Увозот е дозволен со извршна наредба, но санкциите се во надлежност на Конгресот; затоа, секоја страна вклучена во трансакцијата се прашува што ќе се случи ако политичката клима се промени откако товарот ќе пристигне“, вели Џејмс Ноел-Бесвик, аналитичар во „Спарта Комодитис“.
Сенаторот Ричард Блументал (демократ од Конектикат), водечки член на Постојаниот поткомитет за истраги при Сенатот, преку писма упатени до сопствениците на бродовите „Агиои Фанендес“ и „ПВТ Азура“ (PVT Azura) кој се упати кон Норфолк, Вирџинија – побара тие да го променат курсот, наместо да испорачуваат руски дизел во американските пристаништа.
„Секоја компанија или поединец што размислува за купување руски дизел треба да бидат свесни дека вршат кривично дело и дека Конгресот внимателно следи“, изјави Блументал за весникот „Сан“ (The Sun). „Исто така, тие би можеле да одговараат пред некоја идна администрација, дури и ако сегашната администрација одлучи да зажмури пред тоа.“
Тој побара од компаниите да ги обелоденат имињата на продавачите, купувачите, операторите на терминалите и осигурителните компании вклучени во транспортот, како и да наведат дали добиле некакви насоки од Министерството за финансии.
Иако се чини дека танкерите пловат кон пристаништа во САД, повеќе индустриски аналитичари и официјални претставници сметаат дека тие најверојатно ќе ја променат својата крајна дестинација и ќе се упатат кон Бразил. Оваа земја има купено значителни количества дизел од Русија откако САД воведоа санкции во 2022 година. На 27 октомври, руската амбасада во Јужна Африка објави дека три танкери со дизел се на пат кон Соединетите Држави.
За време на телевизиско гостување во средата, министерот за енергетика Крис Рајт објасни дека исклучокот за дизелот има со цел да го зголеми количеството дизел на глобалниот пазар и да ја поттикне Русија да седне на преговарачка маса во врска со војната во Украина.
Геополитичките тензии дополнително ги зголемуваат грижите на компаниите. Штетата по угледот поврзана со купувањето руска нафта би можела да го отежне понатамошното пласирање на горивото откако тоа ќе пристигне во Соединетите Држави, бидејќи може да се смета за „валкано“, изјави претставник од Министерството за транспорт, запознаен со состојбите во индустријата.
„Се разбира, ова би биле ’крвави пари‘, кои на крајот би послужиле за купување средства за убивање Украинци или за финансирање други злобни руски операции ширум светот. Ако можете да живеете со тоа, тогаш слободно платете им“, рече Марјан Заблоцки, пратеник во украинскиот парламент.
Одговорноста за трансакциите со руско гориво може да трае со години, дури и долго по завршувањето на мандатот на администрацијата на Трамп, вели Џереми Панер, адвокат специјализиран за усогласеност со санкциите. Тој укажува на можноста некој иден претседател да покрене истрага против компаниите што учествувале во каква било трансакција со овој дизел.
„Не вреди“, вели тој.
„Постојат многу прашања на кои обично се бара одговор пред да се донесе таква одлука“, вели претставник од индустријата. „Ова ја става индустријата во тешка положба, каде што едноставно не знаете како да ја протолкувате ситуацијата.“
Според Олег Устенко, поранешен економски советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украинците се чувствуваат „целосно злоупотребени“ од одлуката на Трамп да дозволи увоз на руски дизел, и се надеваат дека американските компании ќе ги одбијат пратките. Устенко истакнува дека оваа одлука е особено тешка за прифаќање во момент кога САД им порачуваат на Украинците да не ги напаѓаат руските нафтени рафинерии, додека Русија, истовремено, продолжува да убива украински цивили.
„Доколку добро разбирам, во американските пристаништа, како и во деловните кругови, има луѓе кои чувствуваат симпатии кон нас. Оние на раководни позиции можеби нема да бидат воодушевени од приемот на овие пратки“, вели тој. „Не би се изненадил доколку дојде до некаков бојкот од страна на американските пристаништа. Ако се случи тоа, за нас би било навистина фантастичен симбол.“ (Вашингтон Сан)