ЛДП за „м.Услуги“: Доста ни е од ПР-циркузи


Либерално-демократската партија (ЛДП) прашува колку народни пари се потрошени за промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“, кога личната карта и возачката дозвола симнати на апликацијата не важат во реалноста и кој ќе понесе одговорност за некоординираноста во Владата.

-На 28 октомври премиерот Христијан Мицкоски се сликаше на гламурозна скапо платена претстава и триумфално ја промовираше апликацијата „м.Услуги“, ветувајќи му на народот крај на шалтерите и дигитални документи на мобилен. Но, само ден подоцна, бледата реалност ја спушти рампата: министерот Стефан Андоновски излезе и ладнокрвно соопшти дека дигиталната лична карта и возачка дозвола не важат при полициска контрола, бидејќи МВР и институциите воопшто не се подготвени, посочува ЛДП.

Според партијата, ова е врв на несериозност и политичко аматерство, велат од ЛДП.

-Граѓаните се уморија од евтини ПР-трикови, празни QR-кодови и фешти каде се делат лажни надежи. Додека министрите се сликаат за лајкови, граѓанинот и понатаму мора да ја носи пластичната лична карта за секој случај и да истражува по шалтерите каде што државата е дигитална, а заглавена во камено време. Доста со лажни паралелни реалности – или направете функционален систем кој работи за народот, или престанете да го малтретирате со секојдневни бламажи, вели Цветанка Геговска, членка на Извршниот одбор на ЛДП.

ЛДП бара итна одговорност и престанок на овие евтини дигитални маскаради бидејќи државата не е циркус за промотивни видеа, а граѓаните заслужуваат сериозни институции, а не министерство за чист ПР!