Дурбан ќе биде јужноафрикански кандидат за домаќин на ОИ во 2036 или 2040
Јужна Африка го избра градот Дурбан како свој кандидат за домаќин на Олимписките игри во 2036 или 2040 година, објави денеска Јужноафриканската спортска конфедерација и Олимпискиот комитет (САСЦОЦ).
Кејптаун и Јоханесбург беа, исто така, меѓу потенцијалните кандидати, но изборот падна на третиот по големина јужноафрикански град.
Владата на Јужна Африка ја поддржа кандидатурата откако беше одобрена од Советот на министри, а САСЦОЦ идниот месец ќе направи презентации пред Комисијата за потенцијални домаќини на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Проценките за изводливост ќе бидат завршени во март 2027 година, а конечниот избор на домаќин ќе следи во 2029 година.
Минхен (Германија), Будимпешта (Унгарија), Ахмедабад (Индија), Доха (Катар), Сеул (Јужна Кореја) и Истанбул (Турција), исто така, покажаа интерес за организирање на Олимписките игри во 2036 или 2040 година.