Рекордни 356 милиони евра за локалните тендери во 2025 година – четвртина од набавките завршиле кај 10 фирми
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за договорите за јавни набавки на општините во 2025 година.
Истражувањето покажува дека:
– 80-те општини и Градот Скопје во 2025 година склучиле вкупно 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра.
– Вредноста на општинските тендери во изборната 2025 година се зголемила речиси двојно во однос на претходната година и изнесувала колку во претходните две години заедно.
– Најголема вредност на јавните набавки за 2025 година има Општина Тетово – дури 22,5 милиони евра.
Најмали јавни набавки од нецел половина милион евра има Старо Нагоричане.
– Тетово има и најголем годишен скок на вредноста на тендерите од дури 20 милиони евра, а најголем пад од 6 милиони евра има Струмица.
– Град Скопје веќе втора година по ред не е на првата позиција. Лани падна на шестото место, а годинава е на 14-то со вредност на тендерите од само 8,5 милиони евра.
– Најголема вредност на јавните набавки по жител има Чаир, по 2.381 евро, наспроти Центар Жупа, која има само по 12 евра по жител.
– Општините лани склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, но повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
– На врвот според вкупната вредност на склучените договори е Жикол од Струмица со вредност на договорите од милијарда денари, односно околу 16 милиони евра.
Комплетните податоци за општинските јавни набавки од 2015 година до сега се наоѓаат на специјалната база на податоци на Центарот за граѓански комуникации: https://javninabavki.opendata.mk.
Општина Тетово ја зголемила вредноста на јавните набавки во 2025 за рекордни 20 милиони
евра. Само 10 општини имале помалку јавни набавки отколку во претходната година.
Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2025 година има кај Општина
Тетово и тоа рекордни 20,5 милиони евра. Следна е Општина Карпош со годишно зголемување од 9 милиони евра, па општините Куманово и Гостивар со 7,4 односно 7,3 милиони евра.

Следува Општина Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 5,5 милиони евра, па, Општина Чаир со 5,3 милиони евра. Општините Ѓорче Петров, Велес и Гази Баба ги зголемиле јавните набавки за околу 5 милиони евра, а Општина Кичево за 4,7 милиони евра.
22 општини имаат зголемување на јавните набавки од два до 4,5 милиони евра, додека кај останатите 39 општини, вредноста на јавните набавки во 2025 година е зголемена за помалку од два милиони евра.
Намалување на вредноста на набавките во 2025 година во однос на 2024 година има само кај
10 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2025 година бележи
Општина Струмица, од дури 6,1 милиони евра, а по неа следуваат општините Битола, со пад од два милиони евра, потоа Арачиново, со намалување од близу 700 илјади евра, Маврово и
Ростуше со 400 илјади евра и Општина Росоман, со пад од околу 340 илјади евра.
Воедно, Градот Скопје втора година ја нема апсолутната доминација во јавните набавки и по
ланскиот пад на шестото место, сега се наоѓа дури на четиринаесеттото место со остварена
вредност на договорите за јавни набавки во 2025 година од 8,5 милиони евра. Во 2024 година
вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесувала близу 7,3 милиони евра.
И покрај зголемувањето на јавните набавки од 1,2 милиони евра во 2025 во споредба со 2024
година, дури 13 општини во 2025 година реализирале јавни набавки со поголема вредност од
Градот Скопје.

Вредноста, пак, на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2025 изнесува 29 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје. Во 2025 година Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 105 милиони евра, што е за 47 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %.
Општина Тетово го презеде приматот како општина со најголема вредност на јавните
набавки Општина Тетово е единствената општина во земјава која има вредност на јавните набавки над 20 милиони евра, односно 22,5 милиони евра во 2025 година. Таа ја зголемила вредноста на јавните набавки во споредба со претходната година за дури 20 милиони евра. Веднаш после неа се наоѓа Општина Гази Баба која има вредност на јавните набавки од 16,6 милиони евра.
Следните се општините Штип и Аеродром со јавни набавки вредни околу 14,2 милиони евра.
На средина на табелата е Општина Куманово со потрошени 13, 3 милиони евра за јавни
набавки.
Скопската општина Карпош е на шестото место со 12,5 милиони евра. Еден милион помалку,
односно 11,5 милиони евра е вредноста на јавните набавки во 2025 година на
седморангираната Општина Гостивар. По неа следува Општина Велес со 9,8 милиони евра
потрошени на јавни набавки. На деветтото односно десетто место се општините Битола и
Ѓорче Петров со набавки вредни околу 9,4, односно 9,3 милиони евра.

15-те општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавнинабавки околу 176 милиони евра што е половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа. Односно првите 15 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 66 општини заедно.
Вредност на јавните набавки над десет милиони евра во 2025 година имаат 7 општини, помеѓу пет и десет милиони евра вредни јавни набавки имаат 16 општини, 45 општини имаат
вредност на јавните набавки помеѓу еден и пет милиони евра и само 13 општини имаат договори за јавни набавки во вредност помала од милион евра.
Единствена општина која има вредност на јавните набавки под половина милион евра,
односно околу 468 илјади евра е Општина Старо Нагоричане.

Веднаш по Старо Нагоричане на дното на табелата се наоѓаат општините Центар Жупа,
Росоман и Зрновци со вредност на набавките под 600 илјади евра, следуваат општините
Вевчани, Маврово и Ростуше, Ранковце, Лозово, Кривогаштани и Крушево со набавки вредни
од 650 до 750 илјади евра.