Ана Стојаноска подготвена за Јуниорскиот евросонг – од полноќ до утре до 21 часот гласајте за неа!
По една недела интензивни проби во Малта, Ана Стојаноска е подготвена да ги брани боите на македонското знаме на 24-тото издание на Јуниорскиот евросонг.
Од вечерва (петок) во 23:59ч и утре (сабота) до 20:59 часот е отворено онлајн гласањето за фестивалот каде што македонските граѓани можат да гласаат за нашата претставничка.
Гласањето е бесплатно и достапно на следниот линк: https://vote.eurovision.com/.

Шеснаесет петчлени жирија ширум Европа ќе ги оценуваат изведбите на најмалите големи таленти, меѓу кои е и нашата Ана и песната „Идната јас“. Според евровизискиот модел, одлуката на жирито е само 50 отсто од финалниот резултат, односно нивните поени подоцна се комбинираат со гласовите добиени од публиката и на тој начин се рангираат учесниците.
Преносот во живо на Јуниорскиот евросонг може да се следи на Националниот сервис во сабота со почеток во 21 часот.