Ким Џонг Ун е во кома?
Според британскиот весник „Сан“ (The Sun), севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун наводно итно е префрлен во кинеска болница поради обилно крварење. Оваа информација првично се појави на социјалните мрежи, а подоцна беше пренесена и од одредени медиуми – вклучувајќи го и споменатиот британски весник – кои наведуваат дека Ким Џонг Ун е однесен во болница во Пекинг за да добие итна медицинска помош.
Тој наводно завршил во реномираната болница „Пекинг јунион медикал колеџ“ (Peking Union Medical College Hospital) во Пекинг. Последен пат е виден во јавноста на 11 октомври, при посета на музеј посветен на одбраната на земјата.
Музејот се наоѓа некаде во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја. Аналитичарите сметаат дека севернокорејските власти наскоро ќе ги демантираат овие извештаи и ќе објават дека Ким Џонг Ун е во добра здравствена состојба.
Бенедикт Роџерс, аналитичар специјализиран за Северна Кореја, истакнува дека ова не е првпат вакви непотврдени теории да се појават на социјалните мрежи. Што се однесува до Ким, Роџерс наведува дека, иако неговата точна здравствена состојба е непозната, факт е дека севернокорејскиот лидер страда од прекумерна дебелина. „Гласини за неговата смрт кружеле и претходно. Тој не делува како здрав човек; има екстремен вишок килограми.“
Во минатото, кога умирал некој од „врховните лидери“, тоа било проследено со оркестрирано јавно изразување тага – луѓе на улиците кои плачат и лелекаат.
„Водителите на телевизиските вести звучат крајно емотивно. Досега немаме видено такво нешто. Или ќе се случи тоа, или – доколку е сепак жив – ќе објават некаков доказ дека е жив“, вели Роџерс.
Слични гласини кружеа низ светот на социјалните мрежи и во 2020 година. Тогаш дури се шпекулираше дека севернокорејскиот лидер починал, бидејќи неколку месеци не се појавуваше во јавноста.
Сепак, тие извештаи се покажаа како невистинити. Во моментов нема официјални информации за моменталната здравствена состојба на севернокорејскиот лидер.