Мажите многу понередовни плаќачи од жените: Еве го профилот на должниците кои заглавиле со кредити и картички


Маж на 48 години, најчесто од Скопје, во просек има по 1,6 долгови и кој, исто така во просек, „заглавил“ со 3.811 евра кои не можел да ги врати во редовна постапка кон банките или кон некоја микрофинансиска институција, па сервисирањето на ваквите обврски сега е под надлежност на ЕОС Матрикс Македонија (EOS Матрих). Истражувањето што го спроведе оваа компанијата за управување со побарувањата покажа дека во Македонија има околу 150 илјади лица кои поради некоја причина, најчесто економска или несакани настани во семејството, влегле на терен на кој никој не сака да биде. Две третини од ваквите должници се мажи, покажа истражувањето. Она што загрижува е што бројот на луѓе кои заглавиле со некаков вид на кредит (најчесто необезбеден потрошувачки), или на трансакциска сметка, за пет години значајно се зголемил од околу 90 илјади на сегашните 150 илјади лица, но и дека просечниот износ на долгот е за околу 50 отсто повисок од претходно анализираниот период.

Особено се зголемува бројот на лица, пред се млади, кои влегле во маѓепсаниот круг на таканаречените брзи кредити што ги одобруваат микрофинансиските институции, каде што за разлика од банките, не се гледа кредитната изложеност на клиентите, што е примамлива „мамка“ за презадолжување. Од друга страна, пак, како што нагласуваат во EOS Матрих, навременото пристапување кон решавање на проблемите, овозможува да се најде начин како да се отплати долгот, што е поволно како за оние кои што имаат ненамирени обврски, така и за банките, бидејќи не ги губат трајно клиентите, но и за економијата во целина. Од компанијата се пофалија дека околу 30 отсто од вака преземените должници целосно го вратиле долгот кој го имале.

„Профилот на просечниот ЕОС должник станува сè посложен, со повисок просечен долг и разновидни финансиски обврски, што наметнува потреба од индивидуализиран пристап во управувањето со задолжувањето“, истакна на брифинг со новинарите Катерина Бошевска, главен извршен директор на EOS Матрих Македонија и EOS Матрих Косово.

Таа посочи дека анкетата која е спроведена со нивните корисници во период од 30 дена покажала дека сите се задоволни од целокупната услуга која ја добиле од EOS Матрих. Исто така, сите испитаници се задоволни од поддршката или помошта што ја добиле во процесот за изнаоѓање решение за финансиските обврски. Високи 93% се изјасниле дека добиле јасни и лесно разбирливи информации. Само 7% биле делумно задоволни од добиените информации.

„Анкетата покажува дека наспроти самостојното управување со финансиите, професионалната поддршка креира процеси кои нудат решенија кога обврските стануваат сложени и бараат договорени чекори и постапка за отплата“, рече Бошевска, додавајќи дека со анкетата добиле јасен сигнал дека потребата од професионална и индивидуализирана поддршка се зголемува.

Компанијата управува портфолио со околу 150.000 предмети што опфаќаат побарувања од физички и правни лица на домашниот пазар. Деловниот модел придонесува за поефикасна наплата на побарувањата и враќање на средствата во економските текови, со што се потврдува значајната улога на EOS Матрих.

Како изгледа просечниот ЕОС корисник

Просечниот корисник на услугите на EOS Матрих Македонија, е маж на 48 години, со речиси две задолжувања (1,6) и просечен долг од 3.811 евра, што е за околу 50 отсто повисоко од претходно анализираниот период.

Спореед Бошевска, ова го потврдува трендот на презадолжување кај граѓаните и ја потврдува улогата на EOS Матрих како носител на процес што овозможува корисниците повторно да се во можност да користат банкарски или друг тип на финансиски продукти.

Возраста на корисниците кои беа опфатени со истражувањето е од 18 до 89 години. Најмладиот корисник е сопственик на микрофинансиски производ, додека највозрасниот располага со трансакциска сметка. Лицата на возраст од 41 до 55 години се доминантната возрасна категорија според бројот на задолжувања.

Според половата распределба, мажите сочинуваат околу две третини од корисниците, при што жените покажуваат поголема ефикасност во навременото сервисирање на своите обврски.

Повеќе од 58% од корисниците имаат само едно задолжување, но постојат и корисници со дури 9 или 10 долгови создадени преку користење на различни финансиски продукти.

Младите на возраст до 25 години во просек подоцна започнуваат со отплата на задолжувањата во споредба со повозрасните корисници, меѓутоа побрзо ги исплаќаат задолжувањата. Најчеста причина за неможноста побрзо да ги сервисираат обврските се невработеноста, но откако стапуваат во работен однос, за пократок период го исплаќаат задолжувањето во целост. Од друга страна, повозрасните корисници отплаќаат парцијално и на подолг период.

Причините за неплаќање кај  повеќето корисници се финансиската нестабилност и неочекувани животни околности, како што се задоцнета плата, престанок на вработување, презадолженост и слично, нагласи Бошевска.

Најголемата категорија на корисници должи под 2.000 евра. Помалиот износ на долг значи и поголема веројатност за побрза отплата, а нашата статистика покажува дека речиси 30% од корисниците кои EOS ги презема го затвораат побарувањето во целост, благодарение на индивидуализираниот пристап и улогата на EOS Матрих како финансиски советник во комуникацијата со корисниците.

Најчестиот продукт на задолжување се разликува според возраста. Кредитите доминираат кај повозрасната категорија корисници, додека кредитните картички и микрофинансиските производи се најчести кај помладата популација. Во споредба со претходниот анализиран период, се забележува значително зголемување, односно за 25% на бројот на корисници кои имаат микрофинансиски производ.

Просечниот износ на уплата изнесува околу 1.200 евра, при што дури 48% од корисниците имаат извршено одредена уплата – парцијална или целосна.

Истражувањето покажа дека најголем дел од корисниците се сконцентрирани во Скопје, а по него следат Гостивар и Тетово.

Дигитална трансформација во комуникацијата со корисниците

На брифингот беше посолено дека во последните две години се забележува значителен раст на бројот на корисници кои активно користат платформа за онлајн плаќање и отвораат профили на платформата MyEOS. Ова покажува дека комуникацијата се сели од традиционалните телефонски разговори на дигитални канали како е-маил и други апликации за брзи пораки.

Како што објасни Маја Котеска, Директор за операции и процеси во EOS Матрих Македонија, по лансирањето на платформата MyEOS и воведувањето на овој начин на плаќање, бројот на регистрирани корисници во првата година изнесуваше близу 100, а во наредните години растот достигна неколку стотици корисници. Овој тренд се поврзува со поголемата отвореност на младата популација кон модерните дигитални решенија. Иако повозрасните корисници ја задржуваат навиката директно да комуницираат со агентите и тие се најчестите посетители директно во канцелариите на EOS Матрих.

Промените во начинот на комуникација кај нашите корисници се совпаѓаат со податоците од студијата на EOS Group „EOS Banking AI Barometer”, според која 46 проценти од европските потрошувачи потврдуваат подобрена комуникација со банката благодарение на вештачката интелигенција. Истото истражување покажува дека 29 проценти од анкетираните за чувствителни финансиски теми попрво би разговарале со AI отколку со човек, додека 61 процент сакаат проактивни AI-предупредувања при закана од пречекорување на сметката.