Трамп изјави дека не сака да ја оддалечи Русија од преговорите за Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп го одбрани својот пристап кон војната во Украина, изјавувајќи дека не сака да ја оддалечи Русија од преговарачката маса бидејќи се обидува да посредува за мир.
„Се прави голем напредок во напорите за ставање крај на војната“, напиша Трамп на својата платформа Трут Соушл. Тој исто така спомена и „тековни преговори за заложници“, очигледно мислејќи на затворениците кои ги држат завојуваните страни, но не изнесе детали.
САД се обидоа да делуваат како посредник под раководство на Трамп, но сè уште не постигнаа пресврт кон крајот на војната, потсетува ДПА.
Трамп се соочува со обвинувања дека ја занемарува војната на Русија против Украина додека се фокусира на конфликтот со Иран што го почнаа САД.
Тој рече дека Русија прави „многу малку, ако воопшто прави нешто, за да и помогне на Исламската Република Иран“ во споредба со она што би можела да го направи, додавајќи дека сака тоа така и да остане. Американските медиуми неколку пати известуваа за руска помош за Иран.
Трамп исто така го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого во изминатите недели повеќепати го оддалечи со својата политика, дека не сака да ја заврши војната. Повикувајќи се на финансиската поддршка што Украина ја доби од Европа и од поранешниот американски претседател Џо Бајден, Трамп напиша дека Зеленски „не сака да ја заврши оваа војна, а веројатно никогаш и не сакал“.
Трамп повторно ги критикуваше украинските напади врз руските рафинерии за дизел, обвинувајќи ја Украина за глобалниот недостиг на дизел. Критичарите го обвинуваат дека се обидува да го одвлече вниманието од последиците од војната со Иран.
Цените на горивата нагло пораснаа од почетокот на војната со Иран, ставајќи го Трамп под притисок во пресрет на изборите за Конгресот.
Трамп ја пофали Русија за извозот на милиони барели дизел по ниски цени. Пред околу една и пол недела, тој неочекувано објави дека Русија ќе испорача стотици илјади тони дизел на пазарот во САД и на глобалниот пазар.
Вашингтон привремено ги суспендираше санкциите за руското гориво, додека Москва делумно ја укина забраната за извоз на дизел. Оттогаш се пријавени првите испораки, иако нивниот обем останува нејасен.