Што знаеме за протестите во Албанија и зошто тие станаа насилни?

Новите демонстрации почнаа како студентски протести, а потоа ним им се приклучија и учениците


Насилните протести во Тирана траат веќе четири дена

 

Во клучните градови во Албанија дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата за разбивање немири – сцени какви што не се видени со децении.

Нападнати беа владини згради, како и некои приватни деловни објекти.

Па, што се случува?

Колку се големи и необични овие протести?

Во главниот град Тирана со месеци се одржуваат протести организирани од антивладиното движење „Фламинго“, но она што започна во вторникот оваа недела беше од сосема поинакви размери.

Судирите се проширија и надвор од Тирана – зафаќајќи ги главните градови Драч, Скадар, Љеж и Валона на запад, Ѓирокастро на југ и Корча на исток.

Новите демонстрации започнаа како студентско движење, кое навидум бараше од владата да преземе мерки во врска со високите трошоци за образование и учебници, како и зголемените трошоци за живот.

Кон нив се приклучија и ученици од средните училишта, со што бројот на демонстранти дополнително се зголеми.

Набргу потоа, маскирани демонстранти почнаа да фрлаат камења кон полицијата, која одговори со водени топови, солзавец и палки.

Многумина беа револтирани од сцените на кои се гледа како еден млад човек е однесен, додека неговата скршена нога виси, а тој трпи силни болки.

Беа упатени извинувања, но тоа не придонесе за смирување на ситуацијата.

Еден кат од Министерството за образование беше запален, а во пламен се најдоа и други владини институции.

Секоја вечер, во текот на летото, цели 135 дена по ред, Албанци во центарот на Тирана носеа слики од розов фламинго, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, кој моментално е во својот четврти мандат.

Протестите започнаа поради мега-туристички проект на јадранскиот брег, поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Демонстрантите тврдеа дека, доколку се реализираат плановите за изградба на луксузен комплекс, оваа птица би изумрела на еден остров во близина на крајбрежниот град Валона.

Гневот во јавноста расте паралелно со сè погласните обвинувања за корупција меѓу министрите и други високи функционери.

Еден заменик-премиер ја напушти земјата, а на друг му е наложено да се повлече од функцијата додека траат истрагите.

Дали движењето „Фламинго“ стана радикално?

Демонстрантите од ова движење велат дека немаат никакви врски со ниту една политичка партија – еден од нивните слогани гласи: „Рама во затвор, Бериша во затвор“. Додека Рама е премиер, Сали Бериша е главниот опозициски лидер во Албанија, а во минатото беше и премиер и претседател.

На протестите учествуваа луѓе од сите возрасти – млади и стари, родители со деца, па дури и баби и дедовци. Некои од учесниците се гордееја со тоа што секоја вечер, по завршувањето на протестот, го чистеа просторот зад себе.

Но, по неколку месеци и едно невообичаено жешко лето, бројот на учесници се намали, а немаше никакви знаци дека владата ќе ги исполни нивните барања.

Се чини дека сегашното движење е многу понасилно. Десетици полицајци се повредени, а очите на Европа се вперени кон оваа земја – која се смета за еден од главните кандидати за членство во ЕУ – за да видат што ќе се случи понатаму.

Неколку млади демонстранти изјавија за Би-Би-Си дека она што се случува сега е нова фаза, која произлегла од претходното движење.

Пет месеци мирни протести наидоа на „понижување, исмевање и потсмев“, се пожали млада жена по име Ливија. „Тоа беше јасна порака од владата дека нема да се дозволи нашиот глас да биде слушнат“.

Друга девојка, по име Брунела, за програмата „What in the World“ на Би-Би-Си изјави дека е загрижена за тоа што би можело да се случи понатаму: „Многу сум исплашена, бидејќи медиумите и владата реагираат, особено сега. Тоа не беше само мој глас; тоа е гласот на албанската младина“.

Можно е да дошло до одредено преклопување помеѓу двете групи протести, иако организаторите не го потврдиле тоа јавно, а ниту еден претставник на студентското движење нема истапено во јавноста.

Впрочем, нивните главни грижи се поврзани со корупцијата, за која премиерот вели дека мора да биде истражена од правосудниот систем.

Како владата се справува со немирите?

Рама обиколи некои од оштетените објекти и го обвини Сали Бериша за поттикнување хаос.

„Сето ова е дело на истата рака – раката што ја стегнала албанската опозиција за гуша, раката што ја има запалено и уништено Албанија повеќе од еднаш, а сега е подготвена повторно да ја запали и уништи за да спречи каков било напредок. Тоа е слепа борба, поттикната од крајно ирационална омраза“, изјави тој во петокот.

Премиерот ја отфрли можноста за оставка, ветувајќи дека ќе „слуша, ќе одговори на легитимните загрижености и ќе продолжи да ја води Албанија напред“.

Демократската партија на Бериша често се обидуваше да изведе луѓе на улица за да го собори Рама.

Сепак, бројот на неговите лојални поддржувачи – кои исто така протестираа со месеци, а понекогаш и влегуваа во судири со полицијата – беше мал во споредба со бројот на присутни во овој момент.

Затоа, постои одредена скептичност околу тоа дали Бериша е способен да ги испланира и организира овие немири, иако тој веројатно ќе се обиде да извлече корист од нив.

Од друга страна, албанските медиуми сугерираат дека во случувањата можеби се вмешани тајни служби на странски држави.

Беа изнесени неосновани обвинувања против Србија, при што некои коментатори наведуваат дека Белград чувствува завист бидејќи Албанија често се споменува како следна земја во ред за пристапување кон ЕУ.

Всушност, во петокот, премиерот Рама – без да наведува конкретни имиња – се надоврза на овие тврдења.

„Ова се странски раце кои не сакаат Албанија да биде мирна… не сакаат Албанија да биде дел од обединетото европско семејство“, рече тој, додавајќи: „Дали мислите дека е случајност што секогаш кога Албанија ќе добие ново ’зелено светло‘… или ќе се приближи до таа голема амбиција – таа историска цел – одеднаш избувнуваат пламени? Тоа воопшто не е случајност! Ништо од она што се случува сега не е случајно.“

Дали е безбедно да се посети Албанија?

Иако насилството на улиците се случи во многу градови, засега тоа останува ограничено.

Повеќе влади им препорача на посетителите да ги следат медиумите за најновите информации, да се држат настрана од „демонстрации, масовни собири или политички митинзи“ и да ги почитуваат советите на локалните власти.

Албанија е популарна туристичка дестинација, а владата во Тирана предупреди дека насилството го нарушува имиџот на земјата, што негативно влијае и на туризмот и на нејзиниот европски пат. (Би-Би-Си)