Трибина „ВИ или автентична филмска креација“ и мастерклас на Емин Алпер на Киненова: Никогаш не одам неподготвен на снимање


Трибината „ВИ или автентична филмска креација“ и мастеркласот на годинешниот лауреат на МФФ Киненова, турскиот режисер Емин Алпер, се одржаа денеска во рамки на фестивалската програма, на кои тој пред студентите говореше за своето филмско творештво, копродукциите, пичингот, подготовките за снимање и предизвиците со кои се соочувал во своите почетоци.

Алпер вчера на фестивалот го претстави својот прв долгометражен филм „Зад ридовите“, а денеска на мастеркласот со студентите на Факултетот за драмски уметности повторно се осврна на филмот.

Тој рече дека филмот не го гледал од 2016 година, но дека и по толку време се сеќава на секој детал и на сите сцени што биле снимени.

– Јас филмот не сум го гледал од 2016 година и се сеќавам на секој детал што го снимив и на сите сцени што беа снимени, но од оваа перспектива би сменил нешто во кинематографијата, во ликовите итн. Времето за снимање беше многу кратко и ги снимавме само неопходните кадри и немав време да пробам нови агли на снимање, рече Алпер.

Oткри и дека со кинематограферот имал несогласување околу начинот на кој бил снимен филмот, особено во однос на контрастот.

– Со кинематограферот имавме голема караница, бидејќи немаше контраст. Во сите мои други филмови се трудам да го доловам контрастот меѓу денот и ноќта, но во овој го немам бидејќи имав караница со кинематограферот. И токму тоа беше предмет на караницата, посочи турскиот режисер.

Пред студентите Алпер говореше и за значењето на копродукциите и пичингот на големите филмски фестивали за развојот и реализацијата на еден филм. Тој призна дека и самиот доцна сфатил колку се значајни овие процеси, бидејќи во минатото сметал дека не му се потребни.

Според него, со текот на времето сфатил дека при создавањето филм е корисна секоја сугестија, критика и секој вид помош.

Алпер сподели и искуства од снимањето серии во Турција, нагласувајќи дека на снимање секогаш пристигнува добро подготвен.

„Никогаш не одам неподготвен на сет. Секогаш се подготвувам пред снимањето, рече тој.
Токму поради тоа, како што посочи, снимањето на „Зад ридовите“ било особено тешко за него, бидејќи продукцијата била ограничена и од буџетот и од бројот на снимачки денови.

Во продолжение на денешната програма на МФФ Киненова се одржа и трибината „ВИ или автентична филмска креација“, на која студентите разговараа за дилемите поврзани со употребата на вештачката интелигенција во филмската уметност со Емин Алпер, Гоце Цветановски и Дејан Илиев.