Франција и Германија постигнаа голем договор за иднината на автомобилската индустрија
Франција и Германија го поддржаа ублажувањето на правилата на ЕУ за емисиите на гасови од автомобили, како дел од договорот за автомобилската индустрија, тврдат неименувани дипломатски извори.
Париз и Берлин исто така се согласија Велика Британија да биде вклучена во дефиницијата за возила „произведени во Европа“, како дел од мерките на ЕУ насочени кон зајакнување на автомобилската индустрија.
Германија бараше помалку строги цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за производителите на автомобили и широко толкување на ознаката „произведено во Европа“ за да ги вклучи клучните трговски партнери надвор од ЕУ.
Додека Франција се залагаше за зачувување на климатските амбиции и системот за јавни набавки „произведено во Европа“ да остане исклучива одговорност на земјите членки на ЕУ.
Европската комисија претходно предложи да се укине забраната за продажба на нови автомобили на бензин и дизел во ЕУ до 2035 година во корист на барањето производителите да ги намалат емисиите од издувните системи на новите возила за 90 проценти. Другите десет отсто би требало да се компензираат преку различни поени, вклучително и употребата на челик со ниска содржина на јаглерод. Француско-германскиот договор го укинува тој услов, наведувајќи дека производителите нема да мора да ги компензираат преостанатите емисии.
Според договорот, автомобилите што користат обновливи горива ќе може да се категоризираат како возила со „нулта емисија“, што им олеснува на производителите да ги исполнат своите цели за намалување на ЦО2.
Така наречените „супер поени“, кои ЕК им ги предложи на производителите да ги заработат за мали, „прифатливи“ електрични автомобили, се проширени на сите возила, „без оглед на нивната големина или должина“.
Договорот за ознаката „произведено во Европа“ ја ограничува нејзината примена на автомобили во 27 земји членки на ЕУ, со можност селективно да се вклучат неколку други земји, под одредени услови, првенствено Велика Британија и Норвешка.