Еко-свест бара итно објавување на Нацрт-Законот за заштита на почвите и отпочнување на јавна консултација


Поради создавањето на правна празнина во управувањето со контаминираните подрачја во земјата, Еко-свест упатува барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за забрзување на постапката за донесување на Законот за заштита на почвите.

Со последните измени и дополнувања на Законот за животна средина, одредбите за управување со контаминираните подрачја беа избришани, со што овие локации се оставени во недостаток на законски основ и соодветен режим за управување. Доцнењето со финализирањето на Законот за заштита на почвите дополнително го продлабочува овој
проблем и оневозможува навремено спроведување на системска заштита.

„Навременото објавување на нацрт-текстот е од суштинско значење за обезбедување транспарентен, отворен и инклузивен процес. Преку отворање на јавна консултација, стручната и пошироката јавност, граѓанските организации, и сите засегнати субјекти ќе добијат можност навреме да се запознаат со предложените решенија, да дадат конкретен придонес и да помогнат во идентификувањето на потенцијалните предизвици при неговата
примена“, изјави Марко Гучески, еколошки правник во Еко-свест.

Нацрт- Законот за заштита на почвите е изработен од страна на надворешни експерти и
доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање. Следниот чекор е
негово објавување и донесување.

Затоа, Еко-свест во текот на вчерашниот ден достави барање до Министерството за животна
средина и просторно планирање за итно преземање на следните активности:
– Забрзување на постапката: Итно објавување на нацрт-законот за заштита на почвите
на ЕНЕР,
– Навремена јавна консултација: Започнување на консултативниот процес во најкус
можен рок, со обезбедување соодветен временски период за доставување коментари,
мислења и предлози.
– Инклузивност и информирање: Активно информирање и вклучување на сите
релевантни засегнати страни, вклучително и преку организирање јавна расправа или
консултативни средби.

Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува нашата земја со еколошките жешки точки,
односно контаминираните подрачја и историското загадување на најмалку 13 локации во
Македнија, донесувањето на Законот за заштита на почвите треба да се смета за приоритет.