Второ издание на Фестивалот на калинката во Валандово
Со промоција на локални производи кои се дел од валандовската традиција, а во знакот на калинката како препознатлив плод од ова поднебје, утре во 12 часот на плоштадот во Валандово ќе се одржи второто издание на Фестивалот на калинката, во организација на Здружението за локален рурален развој “Валандер”.
Организаторите најавуваат учество на повеќе производители, земјоделци, локални бизниси, здруженија, а дел од годинешното издание ќе бидат и КУД „Гоце Делчев” од Валандово, КУД „Младост” од Јосифово, КУД „Бахар Чалакли” и музичкиот состав „Распеани Валандовчани”.
– Вториот Фестивал на калинката ќе биде уште една можност да го претставиме најдоброто од нашиот регион, да ги промовираме локалните производи, традицијата, гастрономијата и руралниот развој, но и да создадеме место каде што ќе се сретнат минатото, сегашноста и иднината на Валандово. Првиот фестивал ни покажа дека кога граѓаните, производителите, здруженијата, институциите и пријателите на Валандово се обединети околу една идеја, можеме да создадеме нешто што има трајна вредност, велат организаторите.
Во изминатиот период, Здружението за локален рурален развој „Валандер” од Валандово организираше и повеќе активности, конкурси и јавни повици, во рамки на овој Фестивал. Меѓу нив се натпреварот во приготвување производ од калинка, конкурсот за избор на најголема и најубава калинка, како и конкурсот за песна, цртеж или рачна изработка на тема „Калинката – бисери скриени во црвена круна” во организација на библиотеката „Гоце Делчев”.
Фестивалот на калинката и оваа година се одржува со поддршка од Општина Валандово.