Уште не правиме разлика помеѓу музичка култура и музичка естрада: Интервју со Оливер Белопета за 45. Скопски џез фестивал
Скопје од вечерва во Националната опера и балет повторно ќе дише во ритамот на џезот! Пред нас е 45. издание на Скопскиот џез фестивал – еден од најзначајните музички настани во регионот и во Европа, кој со децении ги спојува врвните светски музичари, различните музички култури и публиката жедна за автентичен звук. Фестивалот и оваа година останува на својата препознатлива линија: современ авторски израз, импровизација, експеримент и ексклузивни настапи. Доаѓаат музичари од 13 земји, а дел од проектите се специјално конципирани за оваа сцена. За дел од настапите се бара билет повеќе, што уште еднаш потврдува дека џезот во Скопје не е само музика – туку вистинска културна традиција, да се види и да бидеш виден и доживување што не се пропушта.
Со Оливер Белопета, долгогодишниот програмски директор, основач на Скопскиот џез фестивал и OFF Fest и член на одборот на Европскиот форум на фестивали на музика на светот, соговорник „без влакно на јазикот“ поради неговите прецизни и сурово реални анализи на културниот и социјалниот контекст, разговаравме за тоа што значи да се гради фестивалска репутација 45 години, но и за цената на таа доследност.

45. Години Скопски џез фестивал. Кога ќе се свртите назад, што ви изгледа потешко – да се создаде ваква репутација или да се зачува?
Многу е потешко нешто да се зачува отколку изгради. Особено кај нас. Особено денес. Тука не мислам толку на сочувување на репутацијата, таа си останува, туку повеќе на одржувањето на највисокото програмско ниво секоја година. Таквиот континуитет кој го има Скопскиот џез фестивал и самиот често го сметам за чудо на кое еднаш, помислувам, поради неговото овдешно опкружување, ќе мора да му дојде крај.
Фестивалот денес има репутација што одамна ги надминува границите на Македонија. Кога за прв пат почувствувавте дека Скопскиот џез фестивал повеќе не е само македонски фестивал, туку е дел од европската и светската џез-мапа?
Не се работи за чувство, на фестивалот тоа што прашувате му се случи во втората половина на осумдесетите години на минатиот век, тогаш се впиша на светската џез-мапа. И остана таму.
Годинава имате изведувачи од 13 земји и исклучително разновидна програма. Што барате кога ја составувате програмата- големи имиња или музика за која верувате дека ќе остане важна и по фестивалот?
Да се задоволи мојот личен „вкус“. Поточно моето искуствено поимање на музичките вредности – од поодамна препознаено во светот. Тоа е првиот критериум. И последен.
Скопскиот џез фестивал никогаш не бил фестивал кој му се додворува на најширокиот вкус, a како што потенциравте вие на пресот, ниту на македонската публика и на она што таа очекува. Колку денес е тешко да се брани таква програмска политика во време кога културните настани се повеќе принудени да размислуваат комерцијално?
Констатацијата ви е точна. Но морам во нешто да ве исправам. Вистинските културни настани не се комерцијални, мора да се прави разлика помеѓу музичка култура и музичката естрада, која, патем, насекаде е комерцијална. Ова кај нас не го разбираат и оние кои по своите функции и делување се должни за тоа. Не случајно сите џез фестивали во Европа, со само еден исклучок се непрофитни организации, зависни пред се од поддршката на државите, на локално или централно ниво.
Често се зборува за „култниот статус“ на Скопскиот џез фестивал. Што значи тоа за вас? Дали по 45 години е комплимент или обврска?
Ова задира во мојата приватност. Не сум приврзеник на зборот култ. Иако и самиот поретко го користам кога зборувам за статусот на фестивалот во светот. Алергичен сум на комплименти. Обврските, пак, се однесуваат на секој поединечен граѓанин на една држава.

Фестивалот има силна историја на претставување на артисти пред тие да станат широко познати. Колку е важно фестивалот да препознава нешто што публиката се уште не го препознава?
Не е силна баш ваква историја на фестивалот. Но, да, многу е важно фестивалот да препознава нешто што публиката се уште не го препознава. Тука доаѓаме до клучната негова улога – воспитната.
Што е најголемата опасност за Скопскиот џез фестивал денес: комерцијализацијата, финансиската несигурност, намалувањето на публиката или опасноста самиот фестивал да стане заробеник на сопствената традиција?
Заборавете на комерцијализацијата. Претходно ви кажав нешто за неа. Иако и во џезот, во мал број има „естрадни“ примери кои не се впишуваат во вредносната историја на џезот. Финансиската несигурност е сигурно голема опасност. Намалувањето на публиката (го нема во Европа) исто така. Половина од постојаната а и потенцијалата публика на Скопскиот џез фестивал (тука мислам и на други културни настани во Македонија) е иселена од државата. „Заробеништвото“ е лична приказна, масовна за жал кај нас. Секој заробеник во своите идеали, колку и да биле вредносни, заглавува во или со минатото и, свесно или не, не размислува за иднината. И не може – со поглед во ретровизор.
По 45 години, фестивалот е институција. Но, институциите понекогаш стануваат предвидливи. Како се борите Скопскиот џез фестивал да не стане „институција“ во најлоша смисла на зборот?
Не сакам кога фестивалот се поврзува со – институција. Скопскиот џез фестивал не е институција, организација – да.
Дали некогаш сте морале да направите програмски компромис поради недостаток на средства?
Се разбира. Тоа го има кај сите фестивали.
Кој артист ви останал како неостварена желба?
Често ми се поставува ова прашање. Еве и сега размислувам и можеби ќе ве зачуди одговорот. Кога се работи за музичарите кои се живи и сеуште настапуваат – немам неостварена желба. А сигурно има многу музичари во светот кои заслужуваат или ќе заслужат да ги видиме.
Кога еден ден ќе престанете да го водите фестивалот, што би сакале да биде единственото нешто што никој нема да смее да го промени?
Ова навлегува во еден поширок домен на прашања – на невозможни мисии.