Почнува 45. Скопски џез фестивал
Словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич, вечер, во Националната опера и балет, ќе го отвори 45. Скопски џез фестивал (СЏФ). Ќе настапи со својот состав „Комбо БЦ“ и проектот Bravery of the Brave („Храброста на храбрите“).

По Каучич, концерт ќе одржи тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, предводник на квинтетот со меѓународен состав – Quispel Quintet. За отворањето на 45. Скопски џез-фестивал, Скорупа е ангажиран да компонира ново музичко дело, при што својот базичен петочлен ансамбл ќе го прошири со тројца македонски музичари (Божидар Пеиќ – виолончело, Бојан Талевски – виола и Ѓорѓи Петрушевски – обоа) и заедно ќе настапат како октет (Quispel Octet).

Полноќниот термин е резервиран за италијанско-американското дуо, вибрафонистот Пасквале Мира и вокалистот Хамид Дрејк, кој се смета за еден од најзначајните перкусионисти на сцената на импровизираниот џез.

Утре настапува норвешкото дуо Еивинд Орсет (гитара, електроника) и Јан Банг (лајв семплинг), од Исланд доаѓаат композиторот и бас-гитарист Скули Сверисон и композиторката и мултиинструменталистка Олоф Арналдс, а полноќниот концерт е посветен на музичкиот фестивал Punkt во градот Кристијансанд и ќе гостуваат неговите основоположници, Норвежаните Јан Банг и Ерик Хоноре.
Вечерта на 17 октомври ќе биде отворена со концерт на македонскиот квинтет предводен од вокалистката Андреа Мирчевска и нејзиниот проект Lullaby for Lunatics, а од 22 часот е настапот на јужноафриканскиот композитор и пијанист Ндудузо Махатини, кој подолго време снима за Blue Note.
На полноќ на малата сцена во НОБ ќе гостуваат британскиот композитор, пијанист и органист Александар Хокинс и шведската вокалистика родена во Етиопија – Софија Јернберг, со нивниот заеднички проект Musho.
Последната фестивалска вечер, на 18 октомври, пред публиката ќе биде бразилско-американското трио „Сао Пауло андерграунд“ (Sаo Paulo Underground), кое, како што велат од СЏФ, ги редефинира можностите на електроaкустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција.
Фестивалот ќе биде затворен со концерт на квинтетот Living Being предводен од францускиот хармоникаш Винсент Пеирани. Полноќен концерт нема да има.
Годинава на СЏФ учествуваат рекорден број изведувачи од тринаесет земји. Во четирите фестивалски дена на програмата се вкупно осум концерти од 20 и од 22 часот на големата сцена во Националната опера и балет и уште три полноќни концерти, кои, наместо во МКЦ како во минатите години, ќе се одржуваат на специјално подготвената мала сцена во НОБ.

Традиционално и оваа година, Скопскиот џез фестивал го избра најдобриот македонски џез музичар за 2026 година – кларинетистот и саксофонист Нинослав Спировски.