Македонската книжевност со успешно претставување на Саемот на книгата во Франкфурт
Со бројни професионални средби, нови меѓународни контакти и претставување на македонските автори и можностите за преводи, заврши годинашниот настап на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт. Во текот на петте саемски дена, од 7 до 11 октомври, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја претстави актуелната македонска книжевна продукција пред меѓународната издавачка јавност, продолжувајќи ги своите активности за поголема видливост и афирмација на македонските автори на светскиот книжевен пазар.
На македонскиот национален штанд, под препознатливиот концепт „Читај во 7/8“, беа претставени бројни македонски автори и дела, организирани во три сегменти: современа македонска книжевност со нови автори и наслови, македонски книги што веќе се преведени и објавени во странство и литература за деца, со избор од најрепрезентативните домашни автори и илустратори. Преку специјално подготвените каталози, странските издавачи имаа можност да се запознаат со разновидноста и потенцијалот на македонското книжевно творештво.
Во текот на саемот, претставниците на издавачките куќи членки на МАИ остварија бројни професионални средби и контакти со странски издавачи, литературни агенти, преведувачи и претставници на меѓународни асоцијации и здруженија на издавачи. Особено значаен дел од годинашниот настап беше промотивниот настан што се одржа на 8 октомври на македонскиот национален штанд, на кој беа претставени македонските автори и актуелната книжевна продукција застапена во каталозите. На настанот присуствуваа и претставници на реномирани светски издавачки куќи и литературни агенции, кои имаа можност непосредно да се запознаат со современата македонска книжевност и со потенцијалот за нејзино претставување на меѓународниот пазар. Остварените средби и контакти отворија простор за понатамошна комуникација, развивање нови партнерства и можности за преводи и странски изданија.
Значаен дел од презентацијата беше посветен на Конкурсот на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување на домашните дела на странски јазици. Странските издавачи беа запознаени со можностите за финансиска поддршка за превод и објавување македонски дела во нивните земји, а програмата беше позитивно примена како дополнителна можност за поттикнување на меѓународната издавачка соработка. Поврзувањето на конкретни книжевни наслови со достапните механизми за поддршка создава поповолни услови за реализација на нови преводи и странски изданија.

„Годинашното претставување во Франкфурт беше уште една важна можност македонската книжевност да ја доближиме до меѓународната издавачка јавност. Остваривме бројни средби со странски издавачи, агенти, преведувачи, но и со претставници на меѓународни издавачки асоцијации, со кои разговаравме за можностите за соработка и за поголема меѓународна видливост на македонските автори. Особено е важно што можевме да ги претставиме и конкретните можности за финансиска поддршка на преводите. Сепак, успехот на еден ваков настап не се мери само со бројот на остварени контакти. Вистинските резултати доаѓаат подоцна, кога тие контакти ќе прераснат во конкретни соработки, договори и нови изданија на македонски автори на странски јазици“, истакнува Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Учеството на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски собири на издавачката индустрија, претставува важен дел од долгорочните заложби на МАИ за меѓународна афирмација на македонската книжевност. За книжевност што се создава на јазик со релативно мало говорно подрачје, присуството на вакви меѓународни настани е особено значајно, бидејќи овозможува директен пристап до издавачите и професионалците кои можат да придонесат македонските дела да стигнат до нови читатели и култури.
Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт е реализирано со поддршка на Министерството за култура и туризам.