Поднесени над 800 иницијативи за енергетски објекти – со закон се овозможува поддршка


За 2027 година се поднесени над 800 иницијативи за енергетски објекти, а МИнистерството за енергетика се обидува преку посебен Закон за користење на енергијата од обновливи извори да обезбеди стабилна потрошувачка, вели во интервјуто за МИА, министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Со новиот Закон за енергетика воспоставивме поуреден модел на планирање на изградбата на енергетски објекти. Преку годишните планови го разгледуваме инвестицискиот интерес во заедничка рамка со потребите на системот. За Планот за 2027 година пристигнаа повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори и работиме на нивната евалуација.

Тоа покажува сериозен интерес, но поднесена иницијатива е почеток на постапката. Потребно е да се проверат документацијата, усогласеноста со плановите и можностите за приклучување. За техничките услови своја улога имаат мрежните оператори. Нашата цел е инвеститорот навреме да знае што може да реализира, каде постојат ограничувања и какви обврски треба да исполни.

Значаен чекор е и донесувањето на посебниот Закон за користење на енергијата од обновливи извори. Со него се уредуваат важни прашања за производителите и потрошувачите, мерките за поддршка, гаранциите за потекло и енергетските заедници. Граѓаните, општините и компаниите добиваат законска рамка за поактивно учество во производството и користењето чиста енергија.

Законот предвидува и современи механизми за поддршка, меѓу кои двонасочни договори за пазарно порамнување на разликата. Нивната цел е да обезбедат поголема предвидливост за инвестициите, со механизми што го штитат јавниот интерес и при високи пазарни цени. Следната задача е доследна примена на законската рамка и функционални постапки.

На соларната конференција во септември нагласив дека развојот на производството мора да оди заедно со развојот на мрежата и складирањето. Соларните електрани произведуваат најмногу во одредени часови, додека потрошувачката има поинаков распоред. Батериските системи овозможуваат дел од таа енергија да се зачува за подоцна и да се подобри флексибилноста на системот.

Во истиот период беше одбележано и финансиското затворање на првата фаза од ветерниот парк кај Штип. Таквите приватни вложувања се дел од поширокиот развој на домашното производство, а обврска на институциите е да обезбедат еднакви правила и почитување на техничките и еколошките услови. Предвидливата постапка е важна и за инвеститорот и за заштитата на јавниот интерес.