Турција забрани употреба на социјални мрежи за деца помлади од 15 години
Во Турција на децата помлади од 15 години од 1 ноември со закон ќе им биде забрането да користат социјални мрежи.
Законот беше објавен денеска, иако Парламентот го изгласа во април.
Социјалните мрежи, според новиот закон, ќе мора да „преземат неопходни технички и административни мерки, вклучувајќи и проверка на возраста“, за да ги спроведат новите правила.
Според Членот 7, системот за проверка на возраста би функционирал со помош на „токени“ што ги издава државата.
За малолетниците постари од 15 години законот укажува дека платформите не смеат да им даваат услуги кои би можеле да предизвикаат зависност.
Турција со забраната за деца да користат социјални мрежи ѝ се приклучува на сè побројната група држави, вклучувајќи ги Австралија и Индонезија, кои воведуваат или разгледуваат построги возрасни ограничувања за пристап до тие платформи.
Слични мерки исто така спроведуваат Австрија, Данска, Франција, Грција и Шпанија, а се очекува да ги донесат и Велика Британија и Канада.
Во септември Европската Унија претстави предлог-пропис за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи и платформите за размена на видеозаписи додека не наполнат 15 години.