Не постои владина потрошувачка кошничка, вели Мицкоски. Имало минимална и просечна 


Фото: Б Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска демантираше дека потрошувачката кошничка што беше презентирана вчера од страна на министењрот Дурмиши е владина. Според него такво нешто не постои, туку има просечна и минимална потрошувачка кошничка, алудирајќи на разликите меѓу кошничките на Владата и на Сојузот на синдикати, кои што се над 10 илјади денари. 

„Владина кошничка не постои. Постои минимална потрошувачка кошничка и просечна потрошувачка кошничка. А, Владата прави статистика врз основа на критериумите што ги има Евростат што важат за целиот свет“, изјави денеска Мицкоски одговарајќи на прашање на новинарите дали во владината кошничка се планира да се внесат и кирија или рата од кредит и за што Владата планира да ги користи податоците, дали само за статистика или за креирање на економски политики.

Мицкоски рече дека кај нас има институции кои што „си прават сопствени кошнички“, при што директно не го спомена синдикатот. Но, рече дека „и тие самите не знаат дали се минимални или просечни“ и дека потоа експертите „излегуваат и ги демантираат и велат дека се просечни“.

„Она што е важно е дека таа потрошувачка кошничка се презентира на Економско социјалниот совет на кој што присуствуваат синдикатите и нивни претставници. Се разговара, се дебатира, тие се сложни од досега тоа што беше предложено. На последниот состанок јас имав некои забелешки кои што требаше да се додадат одземат, очекувам на следниот Економско социјален совет да биде презентирана и нормално понатаму ние преку Државниот завод за статистика да ја презентираме на граѓаните“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите за време на неговата посета на скопското Кале.