Во руски напади врз Запорожје загинаа осум лица, меѓу кои три деца


Најмалку осум лица, меѓу кои и три деца, загинаа, а 16 се повредени во руските воздушни напади што беа извршени рано утринава врз градот Запорожје, на југоистокот на Украина, соопштија украинските власти. Во нападите уште 12 лица се водат како исчезнати.

Ова го потврди Иван Федоров, копретседавач на Советот за одбрана на Запорошкиот регион, откако претходните податоци на националната полиција и на регионалната воена управа укажуваа на седум жртви во овој регионален центар, што се наоѓа на само неколку десетици километри од линијата на фронтот.

„Рано утринава руските сили фрлија пет наведувани воздушни бомби врз станбените населби во регионалниот центар Запорожје. Две од нив погодија станбени згради“, се наведува во соопштението на националната полиција.

Украинските служби за итни интервенции извлекуваа луѓе од урнатините, јави известувачот на Франс прес од местото на настанот.

Русија во последните месеци ги засили нападите врз украинската територија, што доведе до зголемување на бројот на цивилните жртви.

Во меѓувреме, дипломатските напори со посредство на САД за завршување на руската инвазија врз Украина, која трае веќе четврта година, засега не дадоа резултати.