Може ли инсекти да се справат со македонскиот органски отпад? – Има иницијатива, но нема регулатива
Што ако дел од органскиот отпад што денес завршува на депониите може да се претвори во ѓубриво? И тоа со помош на еден посебен вид мува. Во Неготино група екологисти го прават овој експеримент на мини-фарма, додека државата сè уште нема посебна регулатива за ваков тип циркуларна економија
Во Неготино, во мала вертикална мини-фарма, малечките јајца на препелиците, органскиот отпад и инсектите живеат заедно. Ова не е обична фарма, туку експериментален прототип што треба да ги покаже придобивките од ваквата циркуларна економија.
Неготинските екологисти што стојат зад овој експеримент велат дека инсектите, пред сè ларвите од црната мува војник, може да се „регрутираат“ во војна со органскиот отпад. Тврдат дека овие инсекти можат да имаат двојна намена во ваквиот систем. Првично го преработуваат органскиот отпад во природно ѓубриво, кое може да се користи во земјоделството. И второ – ларвите од овие муви можат да бидат одлична храна за домашните животни бидејќи се богати со квалитетни протеини.
Но, за да почне таквиот начин помасовно да се користи во Македонија, засега, велат тие, недостасува законска регулатива.
Екологистите од Неготино велат дека повеќе општествени групи се засегнати од недостатокот на институционална поддршка и законска регулација за употреба на инсекти во третманот на органскиот отпад.
„Засегнати се еколошки активисти и граѓански организации што работат на терен и имаат капацитет за воведување екоиновативни модели, но се соочуваат со регулаторни пречки, нејасни процедури и недостиг на правна поддршка за одгледување инсекти во контролирани услови. Локалното население и домаќинствата – кои секојдневно генерираат биоотпад, но немаат систем за одвоено собирање или локални решенија за преработка – остануваат пасивни учесници во кругот на загадување, наместо да бидат активни чинители во циркуларната економија. Земјоделците и сточарите – на кои биомасата добиена од инсекти (протеин и органски хумус) би им била од огромна корист како евтин и природен ресурс за храна за животни и за подобрување на почвата“, појаснува Сашко Тодоров, еден од неготинските екологисти што се залагаат за преработка на отпадот со помош на инсекти.
Економски и еколошки предности од мувата војник
Професорката Станислава Лазаревска од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, за „Локал Актив Вардар“ објаснува дека црната мува војник (Hermetia illucens) е вистинско богатство од природата што луѓето може да го искористат, бидејќи ползата од нејзината активност е мултифункционална во повеќе области во стопанството.
„Се смета за генерален чистач. Возрасните единки и ларвите од црната мува воин не се штетни за земјоделските култури и не се вектори на патогените микроорганизми. Ларвите со својата исхрана имаат улога на разградувач на органската материја и враќање на хранливите микро и макро елементи во почвата“, споделува Лазаревска.
Лазаревска се осврнува и на економското значење, истакнувајќи дека начинот на живот и активноста на црната мува војник може да се искористат за повеќе комерцијални цели, што покрај економски бенефит имаат и позитивен еколошки импакт.
Местата со отпад на кои живее црната мува воин немаат непријатна миризба, нагласува професорката, посочувајќи дека со користење органски отпад за исхрана, ларвите преработуваат и продуцираат фино иситнето и висококвалитетно ѓубриво, а податоци од истражувања покажуваат дека од 1 000 килограми биолошки отпад може да се добијат 100-200 килограми висококвалитетно ѓубриво.
Таа појаснува дека овие инсекти може да се користат како храна за домашните животни, за живината, рибите, свињите, кучињата…

„Регулативите строго ја регулираат подлогата за исхрана на ларвите ако се одгледуваат како храна за домашни животни и миленици. Во тој случај, ларвите смеат да се одгледуваат во објекти одобрени според прописите на ЕУ за хигиена на добиточна храна, со целосна следливост на производството и на храната. Одобрена храна за ларвите што се користат како храна за животните, според ЕУ-прописите, се житарки, трици, овошје, зеленчук, маслодајни погачи, остатоци од леб, пиво, скроб, шеќер. Во случај кога се одгледува за храна на животните, не смее да се користи органски отпад од домаќинствата, рестораните, фекалии, материи што содржат опасни загадувачи и сл. Значи, основно е да се одреди улогата на црната мува воин и нејзината примена. Предноста се гледа и во нејзината замена на рибиното брашно во храната за домашните животни, со што се намалува употребата на рибите за овие цели“, подвлекува професорката.
Целиот текст прочитајте го ОВДЕ