Скопјани конечно ќе ја видат сликата на Пикасо?
Оригиналната слика на Пабло Пикасо – „Глава на жена“ – што беше подарена од шпанскиот мајстор-сликар и која никогаш не виде дневна светлина, ќе биде преставена пред јавноста. По повод Националниот ден на Шпанија и 20-годишнината од отворањето на амбасадата на Шпанија во Скопје ќе се одржи официјален прием во чии рамки ќе биде отворена изложбата „ПИКАСО: СЛИКАТА НА МУЗЕЈОТ. Избор на дела од колекцијата на МСУ-Скопје“, организирана во соработка со Музејот на современата уметност–Скопје.
Од амбасадата посочија дека изложбата поаѓа од култното дело „Глава на жена“ на Пабло Пикасо, едно од најзначајните дела во колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје. Преку три кураторски целини, изложбата ја истражува улогата на ова дело како симбол на институцијата и на меѓународната солидарност што стои зад основањето на музејот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
„Изложбата претставува размислување за меморијата, пристапноста и културната размена, истакнувајќи ги длабоките врски меѓу Шпанија, Северна Македонија и наследството на меѓународната солидарност што го претставува музејот“, соопштија од амбасадата.
„Глава на жена“ (1963) од Пабло Пикасо е масло на платно (димензии 73 x 55 см) кое авторот го подари на Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) како знак на солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година. Според пишувањата на медиумите претходно, тоа никогаш не видело дневна светлина. Повеќето Македонци се сосема несвесни дека поседуваме оригинална слика на Пикас ниту пак дека беше украдена во 1971 година што ја направи славната слика уште пославна. Интензивната истрага за ремек-делото резултираше со успешно апсење во Франкфурт (Германија) каде Интерпол ги фати крадците и сликата беше вратена во Скопје. Освен во каталог сликата на Пикасо константно се чува надвор од редовните поставки на музејот.