МКС пресуди дека на поранешниот претседател на Филипините Дутерте може да му се суди


Хаг – Судии од Меѓународниот кривичен суд (МКС) пресудија дека поранешниот претседател на Филипините Родриго Дутерте е во доволно добра здравствена состојба за да му се суди.

Се очекува судењето против 81-годишниот Дутерте да почне на 30 ноември. Против него се поднесени обвиненија за убиство и обид за убиство како злосторства против човештвото во врска со неговата војна против дрогата.

Судиите пресудија дека комисија од медицински експерти заклучила дека Дутерте е способен ефективно да го остварува своето право на фер судење и затоа може да му се суди.

Експертите утврдиле дека Дутерте страда од одредено забавување на физичките и менталните функции, што е во согласност со неговата напредна возраст и целокупната состојба, но според нив тој е способен да го разбере процесот и да ѝ помага на својата одбрана.

Адвокатите на поранешниот лидер на Филипините инсистираат дека тој страда од влошување на когнитивните функции и не е во доволно добра состојба за да му биде судено.

Според обвинителството, Дутерте носи кривична одговорност за смртта на најмалку 76 лица за време на неговата кампања против дрогата, во рамките на која биле убиени илјадници цивили меѓу 2016 и 2022 година.

Во февруари одбраната на Дутерте изјави дека обвиненијата против него се политички мотивирани.

Постапките во МКС, кој е единствениот постојан суд за воени злосторства во светот, обично траат неколку години. Ако биде прогласен за виновен, на Дутерте му се заканува максимална казна доживотен затвор.