Во Софија министерска конференција за Коридорот 8, на која ќе присуствува шефот на дипломатијата Муцунски


Меѓународна конференција на министерско ниво, посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8 се одржува денеска во Софија. На форумот, чиј домаќин е бугарската министерка за надворешни работи, Македонија ќе ја претставува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во рамките на конференцијата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, посветен на стратешкото значење на Коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови. Во фокусот ќе биде неговата целосна реализација како заеднички стратешки интерес на земјите долж Коридорот и на поширокиот европски простор.  

Конференцијата треба да обезбеди платформа за политички и експертски дијалог, зајакната координација меѓу засегнатите страни и утврдување конкретни следни чекори за развојот на Коридорот 8, преку отворање можностите за забрзување на работите на неговите одделни делници, како и за понатамошна координација меѓу земјите и институциите вклучени во неговата реализација.

Собирот претставува продолжение на досегашниот политички дијалог за Коридорот 8, вклучително и министерскиот состанок одржан во Тирана во февруари оваа година.

Во Македонија, во фокусот е железничкото поврзување со Бугарија. Во август годинава беа потпишани Договорите за финансирање  на третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, поточно железничката делница Крива Паланка–Деве Баир, во должина од 22 километри. Ќе се гради со грант од ЕУ од 149 милиони евра, а за реализација на овој проект обезбедени се и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Со третата фаза ќе се гради прекуграничен железнички тунел дел од Коридор 8, кој почнува од Крива Паланка и влегува на територијата на Бугарија.

Министерството за внатрешни работи постапува по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција. Во моментот кога истите ќе бидат во напредна фаза, соодветно ќе ја известиме јавноста,

Директорот на „Железници Инфраструктура“ Синиша Ивановски минатиот месец соопшти дека се завршени околу 40 проценти од работите на делницата Бељаковце–Крива Паланка, додека вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пак, истакна дека Македонија во следните пет до шест години ќе инвестира над три милијарди евра во железничкиот дел од Коридорот 8.

Делницата, која е дел од железничката врска со Бугарија, е долга 34 километри. Првата фаза од Куманово до Бељаковце  е изградена со заем од Европската банка за обнова и развој и веќе е пуштена во сообраќај во јануари 2025 година. Изградбата на втората даза односно делницата од Бељаковце до Крива Паланка, е во тек и се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија.

Транснационалната транспортна оска исток-запад, железничкиот Коридор 8, се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Нејзиниот централен дел минува низ Македонија, преку Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Сепак, сè уште недостигаат железнички врски на западниот дел, меѓу Кичево и границата со Албанија, како и на источниот дел кон бугарската граница. Изградбата на железничката делница од Коридорот 8 меѓу Куманово, Бељаковце и Крива Паланка официјално започна во октомври 2022 година во близина на Куманово. 

Коридорот 8 е од стратешко значење за развојот на поврзаноста во Југоисточна Европа. Како транспортен правец што ги поврзува Црното и Јадранското Море, претставува еден од клучните инфраструктурни правци за поврзување на Македонија со Албанија и Бугарија, а преку нив и со поширокиот европски транспортен систем и има потенцијал да придонесе за подобрување на инфраструктурата долж оската Исток-Запад, економскиот развој, енергетската поврзаност, одржливоста и безбедноста во регионот.