Како мајка на ученик во Париз, гледам што се случува: на разумни барања се одговара со ужасно насилство

Дебатата околу протестите во училиштата е проследена со гнев и поделеност. Стравувам дека ова е најава за тоа како ќе се одвиваат тензиите околу изборите следната година


Тешко би можело да се оспори дека барањата на француските средношколци кои протестираат се разумни и вредни за излегување на улица: инвестиции во училишта што се распаѓаат, замена на отсутни наставници, намалување на бројот на ученици во паралелките и на пренатрупаните распореди, како и надминување на нееднаквоста меѓу училиштата во различни области.

Протестите низ земјата во вторникот, кои демонстрантите ги нарекоа „l’acte III“ (Чин 3) или „la grande mobilisation“ (голема мобилизација), беа најавени како најдраматичен ден на протестни активности досега, со повеќе блокади на училишта и марш низ центарот на Париз во попладневните часови. Повеќе од 400 училишта беа превентивно затворени, вклучително и училиштето на мојата постара ќерка, кое претставува комбинација од „collège“ (за ученици на возраст од 11 до 15 години) и „lycée“ (средно училиште).

На 11-годишна возраст, таа е премногу млада за да учествува, а по нејзините извештаи за петарди, запалени канти за отпадок и чад додека таа и нејзините пријатели втрчувале низ училишните порти еден ден минатата недела, морам да кажам дека чувствувам олеснување – без оглед на тоа колку е вредна каузата. Во петокот наставата се одвиваше вообичаено (иако имаше нешто повеќе родители кои дојдоа по своите деца од вообичаено), додека во вторникот наутро, бидејќи училиштето беше затворено, портите беа блокирани со канти за отпадок, а таму се наоѓаа околу 50 средношколци (еден од нив облечен како Бетмен) кои ги држеа своите транспаренти. Атмосферата беше мирна, а вниманието се префрли на големиот протестен марш низ градот, закажан за подоцна истиот ден.

Иако имаше случаи на насилство од страна на демонстрантите, остри критики упатени се кон грубите полициски методи. Во еден инцидент во градот Тур, 16-годишно момче го загуби видот на десното око – повреда за која градскиот обвинител изјави дека е предизвикана од гумен куршум. Во особено мрачен развој на настаните во понеделникот, и под околности кои сè уште не се целосно разјаснети, еден ученик во средно училиште ја загуби раката за време на демонстрациите во Ленс, во северна Франција. Во тек е полициска истрага.

Како што протестите добиваат на интензитет и опфат, францускиот премиер Себастиен Лекорну вети дека владата ќе ги сослуша барањата и ќе се обиде да ги исполни главните од нив – но тоа веројатно нема да значи ненадејно издвојување милијарди за инвестиции во училиштата кои со години се недоволно финансирани, за што сведочат и снимките објавени на интернет од поплавени или руинирани училници полни со стаорци.

Политичката дебата околу ова социјално движење што ескалира е жестока и поларизирана: таа претставува најава за тоа како веројатно ќе се одвиваат претседателските избори во земјата во април 2027 година. Движењето на средношколците се случува во период кој и онака е тензичен, бидејќи француската влада повторно се обидува да усвои буџет со значителни кратења на трошоците, и тоа без парламентарно мнозинство.

Минатата година, за да го усвои буџетот, владата мораше да ги искористи специјалните уставни овластувања за да ја заобиколи потребата од парламентарно гласање. Овогодишниот буџет, за кој треба да се гласа во ноември, вклучува кратења во пензискиот и здравствениот систем со цел да се покрие буџетскиот дефицит што изгледа како да нема дно – и веројатно ќе биде исто толку проблематичен за владата.

Интензитетот на протестите поттикна меѓусебни обвинувања меѓу двајцата фаворити за првиот круг од претседателските избори. Жан-Лук Меланшон, лидерот на движењето „Непокорна Франција“ (France Insoumise), отворено застанува на страната на демонстрантите (од кои многумина ќе гласаат за неговата партија кога ќе станат полнолетни), но го отфрла тврдењето дека неговата партија ги поттикнала немирите. Во меѓувреме, Марин Ле Пен, лидерката на екстремно десничарското „Национално собрание“, ги користи протестите за да повика на донесување закон против немирите. Таа очигледно не го следи советот на лидерот на Социјалистичката партија, Оливие Фор, кој за време на дебатата на претседателските прелиминарни избори меѓу левичарските кандидати ги повика луѓето да не паднат во класичната десничарска стапица – да се фокусираат на насилството, а да ја занемарат причината за протестите.

Фор се повика на поговорката за мудрецот што покажува кон месечината и будалата што гледа во неговиот прст: „гледајте во месечината, а не во прстот“, рече тој – а тоа е разумна порака за сите оние што сакаат да станат претседатели. Многу од средношколците што денес протестираат, следниот април ќе гласаат за првпат.

Дури и ако Ле Пен во моментов гледа во прстот, таа секако не смее да се отпише за изборите следната година; нејзината порака очигледно наидува на добар прием кај голем број француски граѓани и таа е јасен фаворит за првиот круг од претседателските избори. Оваа ситуација веќе сме ја доживеале: ако анкетите се точни, ова ќе биде третпат Ле Пен да влезе во вториот круг од изборите.

Разликата е во тоа што во 2022 и 2017 година таа се соочи со Емануел Макрон – центристички кандидат зад кој можеа да застанат гласачи од целиот политички спектар за да ја спречат, иако многумина признаваа дека го прават тоа со одбивност.

Во сегашните околности, за многумина тоа може да биде потешко во 2027 година. Опозицијата на Ле Пен е расцепкана, со неколку потенцијални кандидати од левицата и десниот центар кои сè уште се во игра – а токму поради тоа, противникот на Ле Пен во вториот круг може да биде полесен за поразување, што нема да оди во прилог на никого.

Вчера во мојата населба во североисточен Париз владееше мир. Но, во центарот на градот, според организаторите, излегле околу 100.000 луѓе (проценката на Министерството за внатрешни работи беше 56.000). Под силното октомвриско сонце, огромни – и главно мирни – толпи се собраа на плоштадот „Република“ и маршираа до плоштадот „Нација“ (Place de la Nation), извикувајќи пароли и носејќи транспаренти. Додека главната маса се разотидуваше, некои помали групи се судрија со полицијата во моментот кога сонцето заоѓаше.

Засега, се чини дека замавот на движењето расте, а не слабее. Некои политичари сфаќаат дека, на шест месеци пред неизвесните избори, треба да ги слушаат своите идни гласачи.

(Хелен Меси-Бересфорд е британска новинарка и уредничка која живее во Париз. Колумната е објавена во Гардијан)