Трамп подготвува „грчка трагедија“ за изборите


Политички аналитичар во САД предупреди дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп веќе мобилизирала тајна воена сила пред изборите за Конгресот есенва, и покрај негирањата од страна на високи воени функционери.

Кен Клипенштајн напиша на платформата „Substack“ дека администрацијата на Трамп веќе сигнализирала оти ќе ја искористи војската за мешање во изборите. Ова се случува и покрај неодамнешното писмо од претседавачот на Здружениот штаб на началници, генералот Ден Кејн, во кое се тврди дека војската нема план да „испраќа федерален воен персонал или федерализирани припадници на Националната гарда на избирачките места за време на изборите во 2026 година“, напиша Клипенштајн.

„Колку и да звучи смирувачки, тоа е длабоко погрешно и доведедува во заблуда“, напиша Клипенштајн. „Зашто, како што јасно стави до знаење Пит Хегсет минатата недела, војската презема улога без преседан во изборите – улога што, всушност, го крши Уставот.“

„Иако веројатно нема да се оствари кошмарот со војници на избирачките места од кој стравуваат некои, војската мобилизира тајна сајбер-сила, како и ’сите овластени ресурси, капацитети и партнерства’ на својот разузнавачки апарат за да се спротивстави на наводните ’закани’ по изборите – цитирано според министерот за одбрана Хегсет.“

Администрацијата на Трамп може да се повика на „националната безбедност“ за да ги мобилизира своите сајбер-сили за време на изборите, користејќи изговор како што е странско мешање во изборниот процес. Неодамнешниот допис од Хегсет со држи дел во кој се наведува дека Министерството за одбрана „ефективно ќе ги искористи своите капацитети за да ја заштити и зачува доверливоста на американските механизми за гласање од надворешни манипулации и попречувања од страна на странски актери“.

„Иронијата овде, која достигнува ниво на грчка трагедија, е тоа што вклучувањето на војската во изборите претставува поголема закана за нашата демократија отколку сите операции за странско влијание заедно“, напиша Клипенштајн.