Непрофесионалната елиминација и селекција на мои и твои ќе не уништи: Интервју со Гена Теодосиевска, филмски критичар


Фото: Б. Грданоски

Секогаш е задоволство да се разговара со Гена Теодосиевска, актуелен уметнички директор на „Киненова“, долгогодишен новинар и филмски критичар, една од оние дами  кои „без влакно на јазикот“ и со искрена посветеност ја следат, поддржуваат и промислуваат македонската кинематографија.

Во пресрет на 11. издание на меѓународниот филмски фестивал, единствениот во Македонија посветен на смели автори, кои преку филмскиот јазик не се плашат да ги отворат најгорливите прашања и да понудат храбри одговори, со Теодосиевска отворено разговаравме и за значењето на фестивалот, за потценувачкиот однос на државата кон него , за реалноста во која се создава филм во Македонија, и за тоа што значи да се биде филмски критичар во средина  каде „сѐ функционира на пријателска база“. 

Фото: Б. Грданоски

„На прво светло“ е мотото на годинешната Киненова. Што треба да осветли тоа светло- новите автори, состојбата на македонскиот филм, или можеби односот на државата кон културата?
Вие сте ги дале одговорите, точно тоа, но и да им се осветли патот на првите продукции на филмските автори, да го почувствуваат светлото и темното, да го препознаат. Она со државата, па подолго време културата е присутна по потреба, а не како природен континуитет во една држава, како независен, но и релевантен фактор при градењето на едно општествено мислење за нашата земја во неа и вон неа, но тоа не е од сега, тоа го чувствуваме со децении, се е некако подредено на моментот, инцидентно.

Киненова веќе 11 години гради препознатлив фестивалски профил и носи автори и филмови што инаку тешко би стигнале до македонската публика. Зошто, според вас, државата, за разлика од медиумите, се уште не го препознава потенцијалот на фестивалот соодветно на неговиот меѓународен углед?
Затоа што постои принципот, овие се наши овие не се, овие ги познавам, а оние не. Што прават тие што не ги познавам и можеби не ми се блиски не ме интересира. Многу просто. Тука немам никакви дилеми, јасно ми е со децении и не се менува , за жал. Системот на таквата непрофесионална елиминација и селекција на мои и твои ќе не уништи. Зарем мислите дека вистински се валоризира нечие професионално познавање, макотрпна работа, посветеност, истрајност, одговорност.. Не, сеуште не. Но, тоа нема да не обесхрабри нас од Киненова, ние имаме цел, визија дека младата генерација со нивните креативни идеи, поткрепена и потпомогната со нашето знаење и можеби мудрост, ќе отвори нови можности за добивање на нова публика. Нашата цел не се само љубителите на филмската уметност од 18-40, наша целна група се и оние кои знаат да гледаат филм, оние повозрасните и помудрите. Симбиозата на знаењето на сите нас, може да не спаси од самоуништување.
Но, еве пријатно изненадување, луѓето од Општина Кисела вода го препознаа нашиот фестивал и пресреќни сме што годинава сме партнери во проектот „Снимај паметно, остави трага“, во кој ќе бидат вклучени 16 дечиња, ученици од основните училишта од оваа Општина и ќе работат под менторство на нашата позната режисерка Марија Џиџева. Ова е долгогодишна желба на директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ и мило ми е што се остварува за ова издание.

Дали би рекле дека Киненова е потценет токму затоа што не е фестивал што се темели на политички или инстуционален престиж, туку на филмски критериуми?
Да, и тоа ви е одлична забелешка, драга Лејла, токму така, би се согласила дека сериозноста на нашиот фестивалски концепт некому му е здодевна, бидејќи пред се битна е забавата, а не суштината на еден филмски фестивал. Јас сум свесна дека има полесен и потежок начин на доближивање до вистинската публика и нејзино едуцирање. Барем јас, секогаш сум го одбирала потешкиот и порано и сега. И навистина е така, филмови штои ќе ги видите на Киненова нема да ги видите на ниеден друг фестивал во Македонија, затоа сме пребирливи, но и ексклузивни во исто време.

Фото: Б. Грданоски

Дали фестивалот може долгорочно да опстане со ваков однос на институциите?
Не сум сигурна, но тоа можеби и го посакуваат, што помалку вакви настани, повеќе средства за нивните, познатите. Се надевам дека ќе се најде јунак да го прекине овој тренд на потценување на оние компетентните, за да можат Киненова и други фестивали кои професионално ги исполнуваат сите критериуми да ја продолжат подостоинствено почнатата мисијата понатаму. Ќе повторам дека ние не се обесхрабруваме. Особено јас, поминав навистина многу, знам што сѐ се случуваше со децении, паметам долго…

Киненова е создадена со јасна идеја да им даде простор на новите автори. Денес, по 11 години, дали Македонија има изградено систем што навистина ги препознава и ги поддржува младите филмски автори – или фестивалот пополнува празнина што институциите ја оставиле?
Дека има изградено систем, не, нема но мислам дека младите филмски автори добија подобар третман и поддршка во финансирањето и во промоцијата на нивните филмски продукции. Агенцијата за филм се покажа како добар промотор на нивните филмови и поддршката од Агенцијата за филм, сметам дека значи многу за авторите. Колку понатаму ќе можат да го износат товарот на промоцијата на својот филм не знам, секако тука клучна улога има продуцентот и неговата стратегија што ќе прави со тој филм и каде ќе го прикаже. Авторите понекогаш се доброволни заточеници на продуцентите, тоа не е само кај нас, тоа е некако така во филмскиот свет. Но, интегритетот на авторот и неговата волја можат да направат чуда. Киненова само ја продолжува таа поддршка и промоција. Но, знаете како и во секоја фела, има групи и групички кои промовираат само едни те исти автори, додека за другите без пријатели во тие групи и групички нема место, е тука е Киненова им даде простор ним, на оние игнорираните од великите филмаџии.

Фото: Б. Грданоски

Што значи за вас „авторски филм“ во време кога фестивалите се повеќе се борат со комерцијализацијата, алгоритмите и потребата постојано да ја привлекуваат публиката?
Тоа се оние филмови кои авторите започнуваат да ги создаваат како независни продукции, без разлика што на почетоците не се субвенционирани од ниедна владина или невладина институција, организација или фонд, стории кои ја започнуваат својата приказна само со страста на филмската екипа, започнати како проект од љубов од потреба, што носат навидум стара позната сторија, но раскажана со нов јазик, облагородена со природниот ритам на приказната со реалната суштина на ликовите со режисерски концепт и естетика што се издвојува и освојува. Филмови кои се паметат по емоциите, а не по големите или познати имиња. Да не ме разберете погрешно, и Тилда Свинтон или Сидни Свини играат во авторски и навидум мали филмови, а филмот те зграпчува од првиот момент и немаш здив, а очите ширум отворени. Филмови кои се сценаристички, режисерски а многу често и кинематограферски и музички тесно поврзани со еден автор.

Имате богато искуство како (меѓународен) селектор, бевте уметнички директор и директор на ИФФК „Браќа Манаки“ (2008 – 2020), член на  Македонската секција на ФИПРЕСЦИ и EWA, присутна на фестивали од А-категорија, па имавте можност македонскиот филм да го гледате и од една поширока, меѓународна перспектива. Што денес најмногу ве загрижува, или ве радува во македонската кинематографија, продукција, критика, пубика или институционална политика?
Ме радува што се појавија млади авторски имиња, да не бидам погрешно разбрана, ама ич не сум феминистка, особено жени сценаристки, режисерки, продуцентки, жени композитори на филмска музика, монтажерки итн. Тоа Агенцијата за филм изгледа го ставила високо на својата агенда и јас го почитувам многу. Но сеуште е присутен приматот на едни те исти кои последниве 30 години, ја окупираа филмската уметност во Македонија, тоа треба да заврши. Но, никако да заврши, тие сеуште диктираат, за жал. Никако да се освестиме дека еднаш треба да им кажеме едно големо НЕ!

Има ли денес храброст во македонскиот филм? Или младите автори се почесто се приспособуваат на она што мислат дека ќе помине кај комисиите, фондовите и фестивалите?
Храброст има. По појавувањето на филмовите на Марија Апчевска, Ѓорче Ставрески, Вардан Тозија, Лидија Мојсоска, а и сега на филмовите на Косара Митиќ и на младиот Ханис Багашов, би рекла има. Тие се оние за кои сметам дека секогаш ќе се приклонат кон префиксот авторски филм. Ограниченоста на средствата кои ги добиваат, а особено што се поприсутни се копродукциските филмски проекти, секако дека секој автор прави поголеми или помали отстапки од првичното сценарио, градење на тимот, прегрупирање, менување локации итн, за да ги задоволи и другите копродуценти, кои пак исто така имаат свои правила кои треба да ги испочитуваат. Тоа е еден магичен круг, во кој ако не си го испекол филмскиот занает и не си доволно свесен и малку мудар, може да ти го уништи проектот, но ако успееш да изиграш до крај како што си намислил и не правиш големи отстапки, можеш да се надеваш на успешна реализација. Клучевите се страшни, но неопходни за да се затвори една финансиска конструкција на еден филм.

Дали македонската филмска критика денес има доволно сила да биде вистински коректив на филмската продукција и институциите?
Не, бидејќи малкумина во Македонија ги интересира што ќе напише Сунчица Уневска или Марина Костова или Благоја Куновски, или пак што сега ќе ви кажам јас вам. Филмска критика имало и била многу почитувана, го паметам и тоа време. Критика која укажувала, потенцирала, фалела, воздигала, но и критикувала добронамерно. Филмска критика постои, но таа сама за себе не значи многу. Нема сила да биде вистински коректив. Ако било што кажеш или напишеш, а на авторите, особено на продуцентите ако тоа не им се допадне, тие нема да те поканат на проекција или уште полошо нема да те поканат на проекција на македонски филм на меѓународен фестивал, а вие сте таму. А филмот е направен од средства на граѓаните на Македонија. И кој губи, македонскиот граѓанин, кој не е известен од прва рака за вистинската атмосфера на меѓународната премиера на тој филм, туку преку некакви сервисни информации испратени од платена ПР агенција. Тоа е (беше) голема срамота. Тоа се случи, но дали имаше некаква реперкусија за некого, немаше.

Годинава, меѓу најзначајните имиња е турскиот автор Емин Алпер, режисер со Сребрена мечка од Белинале. Како стигнавте до него и како го донесовте во Македонија?
Многу лесно, тој веднаш одговорил на поканата на директорот на фестивалот, немало посебна мака или потешкотија да се стапи во контакт со него, напротив бил многу почестен. Тој ни беше високо на листата на автори кои го заслужуваат вниманието и на критиката и на публиката и радосни сме што токму нему, на Емин Алпер ќе му ја врачиме лично наградата за особен придонес во филмската уметност на отворањето на 11. МФФ Киненова на 14 октомври во МКЦ.