Цвеќиња, овации и нова музичка приказна: Flowers Symphony повторно во Скопје на 16 ноември
По силниот прием на првото издание во Скопје, Flowers Symphony се враќа во Македонската филхармонија на 16 ноември, но не како повторување на концертот што публиката веќе го виде.
Второто издание носи нова програма, нови композиции, нови сценски моменти и уште побогато симфониско доживување.
Минатогодишниот Flowers Symphony остана запаметен по силната емоција, впечатливите вокални изведби и по моментите во кои концертот излезе надвор од рамките на класичната концертна форма. Особено силни реакции и овации од публиката предизвикаа изведбите на „O Sole Mio“ и „Time to Say Goodbye“, кои прераснаа во едни од највпечатливите моменти на вечерта.
Но еден од најпрепознатливите моменти беше поврзан токму со симболот на Flowers Symphony – цвеќињата.
Во текот на концертот, диригентот Владимир Димовски лично делеше цвеќиња на публиката, гест по кој тој е препознатлив веќе околу една деценија на концертите „Виена во Битола“. Овојпат, истиот препознатлив знак стана дел и од Flowers Symphony, сосема природно вклопен во концептот на концертот и неговата цветна приказна.
Токму на таа идеја продолжува да се развива и второто издание. За Flowers Symphony 2, Владимир Димовски повторно подготвува ново изненадување.
Какво ќе биде – засега останува тајна.