Макрон и Мерц со предлог до ЕУ: Бараат механизам за итно прекинување на трговски односи


Франција и Германија испратија заедничко писмо до Фон дер Лајен, барајќи нов механизам на ЕУ за итно прекинување на трговските односи (т.н. „kill switch“), кој би можел веднаш да исклучи земја од единствениот пазар поради нефер трговски практики – потег јасно насочен кон Кина, иако не е експлицитно именуван.

Оваа алатка би се активирала за неколку дена, а не за една година, и би можела да опфати сè – од блокирање на еден производ до исклучување на целата земја.

Вклучувањето на Германија претставува огромна промена: таа се префрли од заштита на сопствената трговија со Кина во коавтор на најстрогиот трговски предлог во дофат на ЕУ. Минатата година, дефицитот во трговијата со стоки меѓу ЕУ и Кина достигна 360 милијарди евра. Одделно, Обединетото Кралство истражува опции, но сè уште не вовело царини за кинески електрични возила, и покрај притисокот од ЕУ да се договорат за политиките.

— На Европската комисија ѝ е потребно овластување за многу брзо дејствување против трговските закани, изјавија германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во заедничко писмо во понеделникot.

Лидерите на двете најмоќни и најнаселени земји во ЕУ го повикуваат Брисел да дејствува брзо и решително во трговските конфликти, а во исто време им отежнуваат на главните градови на земјите-членки да ги блокираат таквите потези. Целта на предлогот е да се зајакне позицијата на комесарот за трговија Марош Шефчович, кој во четврток патува во Пекинг за последната рунда разговори во рамките на четиримесечниот процес преку кој Брисел се стреми да ги ребалансира трговските односи на ЕУ со Кина.

Мерц и Макрон наведуваат дека Комисијата треба да биде овластена да го ограничи, па дури и целосно да го забрани увозот од земји за кои се смета дека предизвикуваат „сериозни и системски нарушувања“ на единствениот пазар. Во нивното писмо и заеднички документ за позиција, тие повикуваат на итна акција, наведувајќи дека постојниот сет алатки за трговска одбрана на ЕУ „веќе не е доволен“.

„Без да се одложи целосната употреба на постојниот сет инструменти, потребна е сеопфатна рамка за да се надополни нашиот сет алатки со нови правни инструменти – на ефикасен и небирократски начин“, напишаа тие.

Еден висок германски функционер, кој сакаше да остане анонимен за да зборува отворено, ја опиша оваа алатка како „оружје за возвратен удар“ што може да се користи во случај на ескалација на трговската војна.

„Гледаме дека одредени актери имаат важни и моќни инструменти на располагање“, рече функционерот, посочувајќи ги обемните тарифи во рамките на таканаречениот „Дел 301“ (Член 301), воведен од американскиот претседател Доналд Трамп, како и доминацијата на Кина во синџирот на снабдување со критични минерали. ЕУ, објасни тој, има потреба од свои контрамерки.

„За оние кои не ги почитуваат трговските правила, мора да бидеме убедени дека пристапот до внатрешниот пазар не може да се гарантира“, рече функционер од кабинетот на Макрон, нагласувајќи дека „дијалогот не ја исклучува нашата решеност да ги заштитиме нашите најранливи сектори“.

Францускиот функционер рече дека постапката за активирање на новите мерки треба да се базира на она што веќе постои за антидампинг случаите. Ова ѝ овозможува на Комисијата да преземе мерки без претходно да побара одобрение од главните градови на земјите-членки на ЕУ.

„Не можеме да продолжиме да чекаме – со месеци, а понекогаш дури и со години“, рече францускиот функционер.

Нова „базука“

Иако Кина не е експлицитно спомената во заедничкото писмо, тоа јасно се однесува на трговскиот дефицит на блокот од една милијарда евра дневно со водечкиот светски извозник, како и на растечката загриженост за влијанието на кинеските вишоци врз производствениот капацитет врз европската индустрија.

Постоечкиот Инструмент против принуда (ACI), познат и како трговска „базука“ на ЕУ, теоретски ѝ дава огромни овластувања на Европската комисија да го ограничи увозот како одговор на дејствија што се сметаат за економска принуда. Сепак, во пракса, активирањето на ACI бара повеќемесечна истрага и поддршка од квалификувано мнозинство влади на земјите-членки на ЕУ. Поделбите меѓу главните градови претходно ги отежнуваа напорите за постигнување договор за трговски мерки насочени кон Кина.

Новиот инструмент предложен од Берлин и Париз – кој би можел или да го ажурира или да го замени ACI – значително би им ја отежнал работата на земјите-членки на ЕУ доколку сакаат да блокираат брза реакција. Мерките на Комисијата би останале во сила освен ако земјите не гласаат за нивно блокирање со „обратно“ квалификувано мнозинство.

Бернд Ланге, кој претседава со Комисијата за меѓународна трговија на Европскиот парламент, го поздрави француско-германското писмо како чекор напред. Овој германски социјалдемократ преговараше во име на Парламентот за време на изработката на ACI, при што неуспешно се залагаше Комисијата да добие поголема слобода за активирање на инструментот.

„Беше толку комплицирано“, рече Ланге. „Ако сега дојде до промена во размислувањето на Советот, тоа е навистина добро.“

Пресуден момент

Сандер Тордоар, главен економист во Центарот за европски реформи, го нарече писмото и документот со ставови „пресуден момент“.

„Двата водечки европски центри сигнализираат дека сакаат да направат пресврт и да воведат поструктуриран и сеопфатен сет на политики за да го забават влијанието на вториот ’кинески шок‘ врз европската индустрија“, изјави Тордоар, кој во минатото се залагаше Европа да усвои царини од типот на американскиот „Член 301“.

Германскиот пресврт кон поагресивен трговски став е особено значаен со оглед на претходната воздржаност на Берлин да поддржи посилни одбранбени трговски механизми на ЕУ.

„Еден од главните актери што своевремено го ослабеа ACI беше всушност Германија“, рече Тордоар. „Германија направи пресврт: од земја што најмногу се колебаше во однос на посилни европски трговски механизми, сега активно поддржува низа конкретни предлози.“

Документот е дел од пошироките француско-германски преговори за клучните економски прашања на ЕУ. Разговорите беа иницирани од Макрон и Мерц по заедничката министерска средба во Келн во јули, кога двајцата лидери изјавија дека се усогласуваат околу заземање порешителен став кон Кина.

Во француско-германското писмо, исто така, се повикува Комисијата да преземе нови чекори за диверзификација на европските синџири на снабдување и за намалување на зависноста од кинескиот увоз. Европската комисија веќе најави дека развива инструмент за диверзификација, чија цел е да ги поттикне производителите да ја намалат зависноста од евтиниот кинески увоз. Предлогот се планира да биде објавен до крајот на годината.

Лидерите на ЕУ ќе разговараат за исходот од трговската мисија на Шефчович во Кина на самитот во Брисел, на 15 и 16 окт