Проширувањето на ЕУ еден од приоритетите на литванското претседателство со ЕУ
Атина – Знаеме дека европската перспектива на Западен Балкан е приоритет и за вашата земја, за Грција и со нетрпение очекуваме тесно да соработуваме за проширувањето да остане високо на европската агенда, посочи претседателот на Литванија Гитанас Науседа по средбата во Атина со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Литванија во првата половина на 2027 година ќе го презеде претседателството со Европската Унија, а Науседа нагласи дека еден од нивните приоритети ќе биде проширувањето на ЕУ.
– Силно ја поддржуваме европската перспектива на Украина и Молдавија и сакаме да видиме вистински напредок во нивниот процес на пристапување. Западен Балкан исто така останува важен дел од иднината на Европа. Го поздравуваме напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија и сметаме дека процесот на проширување мора и понатаму да се темели на конкретни реформи и заслуги, посочи литванскиот претседател, изразувајќи надеж и очекување дека со Грција ќе имаат тесна соработка за конкретното прашање.
Веднаш по литванското претседателство, следи грчкото претседателство со ЕУ, во втората половина на следната година.