Над 5.600 лица уапсени во акцијата „Чистач“
Повеќе од 5.600 лица биле лишени од слобода во рамки на оперативната акција „Чистач“, која Министерството за внатрешни работи ја спроведува од септември 2024 година на целата територија на Македонија.
Акцијата се реализира преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи, а е насочена кон откривање и сузбивање на насилен криминал, недозволена трговија со дрога и прекуграничен криминал.
Од почетокот на акцијата до денес, полициските службеници провериле и утврдиле идентитет на 74.229 лица, а извршиле 158.955 прегледи на лица, превозни средства и багаж.
Во рамки на преземените активности, лишени од слобода биле 5.628 лица, извршени биле 1.158 претреси на домови и други простории, а поднесени се 1.135 кривични пријави.Од вкупниот број кривични пријави, 88 се однесуваат на кривични дела од областа на насилниот криминал, додека 1.047 се поврзани со недозволена трговија со дрога. Во текот на акцијата биле запленети различни видови наркотични дроги, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и таблети МДМА. Полицијата запленила и оружје, парични средства, повеќе патнички моторни возила и мобилни телефони.
За дел од сторителите, согласно законските процедури и одлуките на надлежните органи, биле определени мерки притвор, а во одделни случаи биле изречени и затворски казни.
Во рамки на „Чистач“ биле спречени и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги, особено на граничните премини Табановце, Деве Баир и Стар Дојран.
Од МВР оценуваат дека реализираните активности придонеле за унапредување на откривачката дејност на полициските службеници од Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи.
Акцијата ќе продолжи и во наредниот период преку координирани мерки и активности, акциски денови и засилени контроли на целата територија на државата, со цел навремено откривање, спречување и сузбивање на криминалните активности.