ЛДП се противи за субвенционирањето на гориво за соседите


ЛДП реагира на фалбите на премиерот Христијан Мицкоски дека не само штоп имаме најевтино гориво туку и ги субвенционираме соседите.Според ЛДП, додека цените на горивата секојдневно растат и го притискаат семејниот буџет, а македонските граѓани секојдневно се соочуваат со сѐ повисоки трошоци за живот, Владата мора конечно да покаже дека приоритет ѝ се сопствените граѓани, а не да зборува за импровизирани и недоволно осмислени мерки.

-Потсетуваме на нашиот предлог за поврат на ДДВ за скапото гориво, како конкретна и директна мерка за финансиско олеснување на граѓаните и домашните компании.Наместо да се субвенционираат граѓаните кои точат гориво од соседните држави, Владата јавните средства треба да ги насочи кон оние на кои им се најпотребни: македонските граѓани, превозниците, транспортерите, шпедитерите и домашниот бизнис.

Денес, кога секој денар се брои и секој денар е важен, потребни се паметни економски политики, а не политички маркетинг, ПР и мерки без долгорочен ефект. Наместо да троши пари на непотребни трошоци, прослави, нови функции и партиски привилегии, Владата треба да покаже дека знае да ги препознае вистинските економски проблеми.

ЛДП бара Владата да го разгледа, да најде начин да го спроведе предлогот за поврат на ДДВ за горивата и да покаже дека знае да управува со јавните финансии во интерес на заштита на македонските граѓани.
Рекорден економски раст, како што милува да каже премиерот, не смее да се гради на грбот на македонските граѓани. Вистинска државничка економија се гради со политики кои им ги зачувуваат парите џебовите на граѓаните, порачуваат од ЛДП.